Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, во своето обраќање до жителите ја опиша актуелната состојба во општината како алармантна и недостојна за граѓаните што живеат таму. Како што рече, Чаир е заробена од мала група луѓе кои ја користат општината за лични интереси, а не за потребите на граѓаните.

„Едноставно не може 20 години оваа општина да биде заробена од двајца луѓе кои ја управуваат од друга општина. Како да не сме способни да ја управуваме нашата сопствена општина од 18.000 жители. Општина заробена од клика која ја избришала границата меѓу партијата и државата, која ја претворила општината во сервис на неколкумина, наместо во сервис на граѓаните“, изјави Османи.

Тој посочи дека Чаир денес се соочува со сериозни проблеми: улици полни со ѓубре, паркови во кои децата играат во нечистотија, комерцијални дивоградби што им го одземаат воздухот и водата на граѓаните, колабиран сообраќај, небезбедни улици со неисправни светилки.

„Ние добиваме пораки од граѓаните дека тие сакаат промена. Не само промена на луѓето, туку и промена на политичката култура. И затоа велам дека Чаир ќе добие раководство кое ќе му го врати достоинството, ќе ја зголеми вредноста на општината, ќе ја зголеми вредноста на вашите имоти, и ќе обезбеди нормален живот за луѓето што со години беа лишени од тоа, затоа што приоритет биле нечии комерцијални интереси“, нагласи Османи.

Во таа насока, Османи најави јасен план за промени преку воспоставување општинска хигиенска служба со 120 вработени кои ќе бидат задолжени за чистотата на секоја улица, понатаму воведување на целосна транспарентност преку пренесување во живо на тендерите за граѓаните да видат како се трошат нивните пари, стоп за комерцијални дивоградби и заштита за оние што биле изманипулирани при купување станови и урбанизација на Чаир за да се ослободи простор за зеленило и јавни површини.

„Нема повеќе комерцијални дивоградби. Ќе има ред. За згради, што му паѓаат на некого на памет за да земе 300.000 евра во џеб, без да плати данок, тоа под мое раководство нема да се случи никогаш. Нема повеќе Чаир да биде прогласуван за најнечиста општина во Скопје. Нашата мисија е да ја вратиме општината во рацете на граѓаните, со чесност, дисциплина и посветеност“, порача Османи.

Leave A Reply

Exit mobile version