Османи – Цахна: Естонија подржува забрзана евроинтеграција на Северна Македонија

Во рамки на 78-то заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк, денес, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна.

Министерот Османи ги поздрави одличните билатерални односи кои постојат меѓу двете пријателски земји, заблагодарувајќи се за недвосмислената и гласна естонска поддршка за пристапните преговори на нашата држава со Европската унија. Воедно, ја повтори нашата подготвеност за имплементација на естонското искуство во областа на дигитализацијата во Северна Македонија.

“Постои нов импулс во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, за што е потребна акција и од страна на ЕУ и од страна на државите од регионот: Европската Унија да обезбеди повеќе конкретни придобивки уште во текот на процесот на пристапување, а земјите од регионот на Западен Балкан да преземат решителни активности во спроведувањето на реформската агенда и усвојувањето на стандардите на ЕУ“, предочи Османи.

Министерот Цахна истакна дека Естонија високо го цени придонесот на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ кон стабилноста и просперитетот на целиот регион на ОБСЕ.

Двајцата соговорници нагласија дека партнерството меѓу двете земји на безбедносен план и заложбата за што поскоро постигнување мир на европско тло, дополнително се зацврстува во рамките на НАТО алијансата. Воедно, ја нагласија неопходноста од натамошен засилен развој на меѓусебната трговска соработка.

19.09.2023 - 18:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега