„Оскарите“ воведуваат кризен тим по скандалот со шлаканицата

 

Академијата за филмски уметности и науки претстави кризен тим во пресрет на оскаровската церемонија, а сето тоа поради минатогодишниот инцидент со Вил Смит и Крис Рок.

Извршниот директор на Академијата, Бил Крамер, соопшти дека на годинешното доделување на „Оскарите“ првпат ќе биде претставен кризен тим за какви било неочекувани настани.

Овој тим е задолжен само за вонредни ситуации, како што беше шлаканицата на Вил Смит, а вакво тело досега немало на ниедна оскаровска церемонија.

„Поради минатогодишниот инцидент, моравме да земеме предвид дека многу непредвидливи работи може да се случат на ‘Оскарите’. Имаме цел кризен тим, нешто што никогаш претходно не сме го имале и многу планови подготвени за разни можни сценарија. Се надеваме дека тимот ќе биде подготвен на сè во случај нешто да се случи“, изјави за „Тајм“, Бил Крамер, извршен директор на Академијата.

Тој исто така нагласи дека оваа година водител на наградната церемонија ќе биде ветеранот Џими Кимел, кој заврши добра работа во 2017 и 2018 година, и тој би требало да гарантира дека сè ќе биде во ред.

„Кимел е некој што е навикнат на сè што носи телевизијата во живо и е свесен дека работите не одат секогаш според планот. Кимел е водител што знае како да се справи со такви ситуации“, појасни Крамер и нагласи дека минатата година за време на инцидентот со Смит и Рок требало да се реагира многу подобро.

За потсетување, комичарот Крис Рок во својот говор на минатогодишното доделување на „Оскарите“ ја спомена Џејда Пинкет Смит. Смит првично се насмеа од коментарот, но кога ја виде лутата реакција на неговата сопруга, и тој се налути и излета на сцената и му удрил шлаканица на Рок. Кога се врати на своето место, извика: „Не кажувај го името на мојата сопруга“.

Оваа шлаканица му донесе десетгодишна забрана да се појави на доделување на престижните златни статуетки.

 
24.02.2023 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега