Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека, според него, поддршката за Украина претставува поддршка за продолжување на војната, нагласувајќи дека нема воено решение за конфликтот.
„Ако ставите пиштол на маса, порано или подоцна ќе пукне. Европа се движи кон ситуација што значи војна“, изјави Орбан за Радио Кошут, пренесува Hirado.hu.
Тој предупреди дека војната може да се „замрзне“ со голема загуба на животи и дека идејата за воена победа е погрешна.
„Секој што мисли дека може да ја добие оваа војна воено – греши. Ова ќе резултира со замрзната ситуација каде што постојано се водат борби и се губат многу животи“, додаде Орбан.
Премиерот истакна дека Унгарија мора да се залага за мир и дека иако не може директно да влијае на одлуките на големите европски сили, може да обезбеди стабилност и безбедност во земјата.
Орбан предупреди дека оние кои ја поддржуваат војната мора да бидат подготвени за зголемување на даноците, бидејќи финансирањето на Украина „од други извори не е изводливо“.
Во интервјуто, Орбан зборуваше и за претстојната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, најавувајќи дека во Вашингтон наскоро ќе се одржи „Унгарски ден“, посветен на економската соработка.
„Наскоро ќе одржиме Унгарски ден во Вашингтон. Економски лидери, неколку министри, раководители на важни државни агенции… Одиме со голема делегација и ќе има целосен преглед и уредување на унгарско-американските односи“, рече Орбан.

