Општина Тетово доделува 1 200 000 денари за семејствата на жртвите и на повредените во пожарот во Кочани
На денешната вонредна 49-та седница, Советот на Општина Тетово ја усвои Предлог-одлуката за доделување 1,2 милиони денари финансиска помош за семејствата на жртвите и на повредените во трагедијата од 16 март 2025 година во Кочани во знак на солидарност и хуманост.
Од Канцеларија за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово во соопштение посочуваат дека оваа одлука не е само материјална поддршка, тоа е силна порака на заедништво и емпатија, која докажува дека Општина Тетово стои покрај оние што поминуваат низ тешки моменти.
-Во овие моменти на жалост и болка, оваа помош оди подалеку од финансиската вредност - таа го симболизира духот на хуманоста и силата на солидарноста, покажувајќи дека заедно можеме да се соочиме со секој предизвик. Тетово отсекогаш докажувало дека не е само град, туку заедница што се обединува во најтешките моменти. Оваа помош нема да ја избрише болката, но се надеваме дека ќе донесе барем малку олеснување и ќе биде јасна порака дека не сте сами, се истакнува во соопштението на Општина Тетово.
Во соопштението се вели дека Општина Тетово останува посветена да биде секогаш покрај своите граѓани, докажувајќи дека солидарноста е темелот врз кој градиме поправедно и почувствително општество.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа