Екипите на ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром секојдневно работат на терен и се грижат за хигиената во општината. Се косат тревниците, се чистат и уредуваат улиците и пешачките патеки, се собира отпадот, а се средуваат и дрвјата и гранките на повеќе локации. Паралелно, продолжува расчистувањето на дивите депонии, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите на Аеродром. Екипите континуирано работат на терен и навремено интервенираат на локациите каде што има потреба. Во исто време, се поставуваат нови и се обновуваат постојните клупи за седење, создавајќи побезбедна, поуредна и попријатна средина за секојдневно живеење и престој, а се спроведува и реконструкција на детските и спортските игралишта, со што се создаваат подобри услови за игра, спорт и рекреација за најмладите, но и за сите граѓани.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, апелира до граѓаните совесно да го одлагаат отпадот и да не создаваат диви депонии, нагласувајќи дека чистотата на општината е заедничка одговорност.

„Чист и уреден Аеродром е заедничка грижа и придобивка за сите нас. Општината и комуналните служби продолжуваат секојдневно да работат на терен, но за трајно и одржливо решение е неопходно и одговорно однесување од секој поединец“, посочува Митески.

За граѓаните кои имаат поголемо количество отпад од своите домови, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром стои на располагање за негово преземање и правилно депонирање во ЈП „Дрисла“, за минимален паричен надомест. Услугата може да се закаже на телефонскиот број 072 270 886.

Exit mobile version