Охрид е во шок по веста за трагичната смрт на младиот снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев. Несреќата се случила вчера во станбена зграда во изградба во Охрид.
Според неофицијални информации објавени од локалните медиуми, 28-годишниот Љушев паднал во окно од лифт во зграда која сè уште е во фаза на изградба. Тој бил пренесен во Специјалната болница „Св. Еразмо“ околу 15:00 часот, каде биле направени обиди за реанимација, но лекарите за жал не успеале да го спасат неговиот живот.
Кристијан Љушев беше основач на продуцентската куќа „Шпанец“ и уживаше голем углед како исклучително талентиран професионалец. Неговиот творечки опус вклучува бројни документарни емисии, музички спотови и проекти посветени на македонското културно наследство и Бигорскиот манастир.
Колегите и пријателите на социјалните мрежи со неверување се простуваат од него, опишувајќи го како автор со јасна визија и искрена посветеност чиј творечки пат прерано згасна.
„Неговата работа сведочеше за искрена посветеност, чувствителност кон просторот и луѓето“, пишуваат неговите колеги кои се простуваат од прерано заминатиот пријател.

