ВМРО-ДПМНЕ преку официјално соопштение остро реагираше на, како што велат, „неспособните и манипулативни објави“ на Љупчо Николовски, поранешен министер за земјоделство, кој секој викенд, според партијата, се обидува да создаде илузија дека во негово време „во земјоделството и шумарството течело мед и млеко“.

„Овој пат, Николовски најде сили да зборува и за реформите во шумарството. Да го потсетиме, истиот тој Закон за шуми кој беше критикуван од експертската јавност во негово време, денес е преработен и усогласен со европските стандарди благодарение на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека новиот предлог-текст за Законот за шуми е објавен на ЕНЕР, а јавната расправа е закажана за 15 октомври. Притоа се потенцира дека за време на Николовски, „реформите“ биле селективни и насочени само кон ЈП Национални шуми, без целосен системски пристап.

Според соопштението, за периодот август 2024 – април 2025 година, над 106.000 хектари шуми под државно управување се сертифицирани, што е клучна пресвртница во усогласување со глобалните стандарди за одржливо управување со шумски ресурси. Македонија доби и PEFC признавање за националната сертификација – процес кој, според ВМРО-ДПМНЕ, не бил ниту започнат во времето на СДСМ.

Дополнително, се работело интензивно на развој и имплементација на Интегриран шумарски информативен систем (ИФИС), со софтверско решение, нови бази на податоци и техничко опремување за електронска евиденција и испратници. Проектот за шумарство бил успешно затворен на 24 јуни 2025.

„Сите лаги на СДС се распаѓаат како кула од карти. Љупчо Николовски треба да знае дека политички поени преку манипулација на граѓани нема да добие. Граѓаните одамна ја препознаа неспособноста на СДС, и затоа им дадоа црвен картон на парламентарните избори. Исто ќе се случи и на претстојните локални избори“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од соопштението, партијата порача дека „Николовски и Филипче треба да си ги спакуваат коферите за длабока политичка пензија“, додавајќи дека вистинските реформи конечно се случуваат – со реални резултати и транспарентност.

Leave A Reply

Exit mobile version