Периодот на опомени заврши. Од утре (1 февруари) системот „Сејф сити“ („Safe City“) и официјално започнува со изрекување на парични казни за сообраќајни прекршоци во Скопје, Тетово и Куманово.
Откако од 1 јануари системот функционираше пробно и се испраќаа само опомени, од утре камерите ќе регистрираат и ќе санкционираат низа прекршоци: возење побрзо од дозволеното, поминување на црвено светло, непрописно паркирање, како и управување со нерегистрирано возило или истечена возачка дозвола.
Колку ќе чинат казните?
- Брзина: За пречекорување на брзината казните се движат од 15 до 300 евра.
- Црвено светло: За поминување на црвено, глобата е до 250 евра, но следи и одземање на возачката дозвола од 3 до 12 месеци.
- Паркирање: За непрописно паркирање ќе се плаќа од 25 до 180 евра.
- Регистрација: Највисоката казна е предвидена за нерегистрирано возило – 500 евра.
- Возачка дозвола: Ако дозволата е истечена до 30 дена, казната е 100 евра.
За сите прекршоци важи правилото: доколку казната се плати во рок од осум дена, сумата се намалува на половина. Инаку, законските одредби за „Безбеден град“ веќе се најдоа пред Уставниот суд, до каде се пристигнати три иницијативи за нивно оспорување, но додека судот не одлучи поинаку, системот продолжува со работа.

