Јавното претпријатие „Градски паркинг“ прави голем чекор напред кон модернизација на своите услуги. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека од 01.04.2026 година, граѓаните веќе нема да мора да чекаат по шалтери за своите дозволи, бидејќи целиот систем станува дигитален.
Преку новата платформа „moj.parking.mk“, корисниците ќе можат електронски да ги завршуваат сите обврски за зонското паркирање, паркиралиштата со рампа и катните гаражи.
„Воведуваме нов, дигитален пристап. Од април, поднесувањето барања за дозволи и плаќањето на месечните и годишните претплати ќе се одвива онлајн. Со ова значително го поедноставуваме и забрзуваме процесот за граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.
Паралелно со дигитализацијата, продолжува и ширењето на зонското паркирање низ Скопје, со цел да се воведе ред во јавниот простор и да се овозможат еднакви правила за сите учесници во сообраќајот.

