Сопственичка на куче изнесе сериозни сомнежи дека во пансионот за кучиња „Ав Ав Хепи Дог“ во Скопје можеби се појавил парво вирус, откако нејзиниот миленик починал кратко време по престој во објектот.

Ана Пејковска тврди дека кучето било сместено во пансионот десетина дена, а по преземањето било во видно влошена здравствена состојба – без апетит, со повраќање и изразена слабост. Животното било однесено на итен ветеринарен преглед, каде, според сопственичката, била утврдена парво вирусна инфекција, но состојбата веќе била критична и кучето подоцна угинало.

Сопственичката на социјалните мрежи објави дека, според нејзини сознанија, во пансионот имало и други животни со симптоми на зараза, поради што апелираше до сопствениците итно да ги преземат своите миленици. Таа тврди и дека не била навреме информирана за здравствените проблеми на нејзиното куче, што, како што наведува, можело да ја зголеми шансата за навремен третман.

Во јавноста се појавија и сведоштва од други сопственици на кучиња кои тврдат дека нивните миленици, по контакт со животни од истиот пансион, покажале симптоми и биле позитивни на инфекцијата. Дел од нив укажуваат и на наводно несоодветни услови за престој, ограничено движење и недоволна грижа.

Од пансионот засега нема официјална реакција по изнесените наводи.

Парво вирусот е исклучително заразна и опасна болест кај кучињата, која најчесто ги погодува младите животни, но може да има сериозни последици и кај возрасни кучиња. Ветеринарите предупредуваат дека навремената дијагноза, изолација и терапија се клучни, а строгата контрола и хигиена во објекти за чување животни е од суштинско значење за спречување на ширење на инфекцијата.

Exit mobile version