Обвинителството со детали за девојчето во Струга, едниот силувач бил пријател на нејзиното семејство
Обвинителството бара притвор за тројцата кои силувале 14-годишно девојче во Струга.
За случајот поведена е истрага против две лица, на возраст од 56 и 68 години, а поднесено е и барање за поведување на подготвителна постапка против еден малолетник.
„Првиот осомничен во текот на 2018 и 2019 година, во неколку наврати извршил други полови дејствија врз девојче родено во 2009 година. Тој дејствијата ги вршел во неговиот и во домот на оштетената, искористувајќи блиски релации и момент кога родителите на девојчето не биле во близина. Од тие причини тој е осомничен за продолжено кривично дело – Силување на дете кое не наполнило 15 години“, информираа од Обвинителството.
Вториот осомничен, во текот на пролетта 2022 година, додека продавал прехранбени производи во близина на основно училиште, искористил момент кога две девојчиња родени 2009 година дошле кај него за да купат храна и од својот мобилен телефон им прикажувал снимки со порнографска содржина. Жртвите тој ги допирал и ги наведувал да вршат полови дејствија пред него.
Детето во судир со законот, малолетник роден 2005 година, се обидел да изврши полов однос со употреба на сила врз девојче родено 2009 година. Жртвата го удрила за да се одбрани, по што тој започнал да ја влече и да ја носи зад училишната зграда. Оштетената давала отпор цело време и барала помош. Тој ја соборил со сила на земја и започнал да ја допира, но престанал бидејќи се приближиле други деца.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор и за двајцата полнолетни осомничени и за детето во судир со законот, оценувајќи дека постои опасност тие да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците/жртвите или да го повторат делото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа