Обвинителството поднесе жалба до Врховниот суд на одлуката за повторување на постапката за тешка сообраќајна несреќа
Вишото јавно обвинителство Скопје денеска поднесе жалба до Врховниот суд на решението на Апелациониот суд Скопје со кое се дозволува повторување на кривичната постапка спрема осудениот Џ.М., претходно правосилно осуден во отсуство за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 ст.4 вв чл.297 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик.
Незадоволно од решението, Вишото јавно обвинителство Скопје, во законски предвидениот рок од 3 дена, се жали до Врховниот суд на Република Северна Македонија, поради сторени суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка и погрешно утврдена фактичка состојба.
Во жалбата се наведува дека услов без кој не може на некое лице што е судено во отсуство да му се дозволи повторување на постапката, е доказ дека постои можност на лицето да му се суди во присуство, односно судот мора да има сигурни докази дека тоа лице, во моментот на поднесување на барањето за повторување на постапката е достапно.
Во конкретниот случај, нема ниту еден доказ дека постојат услови на осудениот Џ.М. да му се суди во негово присуство.
Во решението со кое дозволува повторување на постапката, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје единствено ја цитира одредбата од чл.456 ст.1 од ЗКП и прифаќа дека осудениот за пресудата дознал на 15.11.2024 година, кога поднел барање за уверение за неосудуваност, по што на 18.11.2024 година поднел барање за повторување на кривичната постапка. Тоа според судот значело дека, согласно одредбата од чл.456 ст.1 од ЗКП: “нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка, а тоа е на ден 18.11.2024 година“.
“Интенцијата на законодавецот кај оваа законска одредба предвидува барањето за повторување на кривичната постапка да биде поднесено во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата (секако, ако е исполнет првиот услов), а не, како што збунувачки се обидува да аргументира Апелациониот суд дека “нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка“, наведува јавниот обвинител од ВЈО Скопје во жалбата.
Според обвинителството, судот треба при одлучувањето во врска со поднесеното барање за повторување на постапката да го има предвид фактот дека осудениот не доставил никаков доказ за тоа кога тој дознал за пресудата, односно доказ дека истата ја има примено. Ова беше наведено и во негативното мислење на Основното јавно обвинителство Скопје. Сепак, Апелациониот суд Скопје истото воопшто го немал предвид, бидејќи потврда од казнена евиденција издадена од Основниот кривичен суд Скопје сама по себе не може да послужи како доказ дека осудениот со поднесување на барањето дознал дека е правосилно осуден во отсуство.
„На овој начин, лице кое е осудено во отсуство може и додека е во странство (недостапно на органите на прогон) да дознае за пресудата со која е судено во отсуство, да поднесе барање за повторување на постапката, судот да му го дозволи тоа, како што е направено во случајов и повторно да биде недостапно. Во такви околности, во зависност од предвидените рокови за застареност на кривично гонење, дозволувањето за повторување на постапката може да резултира само со нов почеток на кривичната постапка, констатирање на настапена застареност и завршување на постапката без кривична одговорност, што секако не била интенција на законодавецот кога го предвидел институтот Повторување на постапката на лице судено во отсуство, во смисла на чл.456 ст.1 од ЗКП“, навел јавниот обвинител.
Исто така, според јавниот обвинител, Врховниот суд на Република Северна Македонија при одлучување по оваа жалба, неопходно е да го има предвид целиот тек и динамика на постапките кои се воделе пред Основниот кривичен суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје, кои покажуваат дека интенцијата на осудениот со барањето за повторување на кривичната постапка е одбегнување на издржување на затворска казна за дело во кое животот го изгуби млада личност.
Обвинителот во жалбата го аргументира и делот дека осудениот без ниеден доказ во прилог навел дека ќе биде достапен на истата адреса на која претходно не бил достапен во текот на кривичната постапка. Оттука, за јавниот обвинител неспорно е дека единствено кон што се цели со поднесеното барање за повторување на предметната кривична постапка и што се дозволува со донесеното решение на Апелациониот суд Скопје е одбегнување осудениот да ја издржи казната затвор за сериозно кривично дело со смртни последици.
“Крајно, однесувањето на осудениот кој првично беше достапен на органите на прогон, знаеше какво кривично дело извршил и без трошка каење за стореното, со години беше недостапен на органите на прогон, па потоа во моментот кога знае дека поради роковите на застареност ќе се спаси од издржување на казна затвор се појави со барање за повторување на кривичната постапка со неиздржани аргументи, не оди во насока на исполнување на она на што пред се инсистира законодавецот, а тоа е остварување на правдата”, наведе обвинителот во жалбата со која од Врховниот суд побара решението на Апелациониот суд Скопје да го преиначи и да го одбие барањето за повторување на кривичната постапка спрема осудениот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа