Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија упати итна јавна реакција до Собранието, на чиј дневен ред денеска се платите на функционерите, судиите и обвинителите.
Во рамки на седницата ќе се расправа и за повеќе законски измени по скратена постапка, меѓу кои измените на законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните, за пратениците, како и за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Дополнително, на дневен ред се и предлог-измени на законите што се однесуваат на платите на јавните обвинители, судиите, членовите на Советот на јавните обвинители и на Судскиот совет, исто така по скратена постапка.
Во дописот испратен до претседателот на Собранието и до пратениците, Здружението наведува дека одлуката за реакцијата била донесена од Собранието и Извршниот одбор на 24 февруари 2026 година. Јавните обвинители ја признаваат сложената економска состојба во државата и потребата од мерки за штедење, но предупредуваат дека, согласно член 2 од важечкиот Закон, нивната плата не може да се намали ниту со закон, ниту со одлука на државен орган, освен во случаи на утврдена дисциплинска одговорност.
Тие истакнуваат дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршување на друга дејност, па платата претставува единствен извор на приход. Според нив, платите се движат од помалку од 90.000 до околу 130.000 денари, што ги прави најниски во регионот. За споредба, платите во Србија се од 1.600 до 4.000 евра, во Црна Гора од 1.600 до 4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, додека во Бугарија просекот изнесува околу 3.000 евра, плус годишен бонус.
Дополнително, Здружението информира дека Уставниот суд веќе започнал постапка за оценка на уставноста на претходните измени на Законот за платите, со решение У.бр.71/25 од 24 декември 2025 година, по иницијатива на самото Здружение. Тие предупредуваат дека нови измени, кои предвидуваат дополнително намалување на коефициентите, може да создадат дополнителни правни последици, особено додека трае постапката пред Уставниот суд.


