Обвинителите го испрашуваат таткото на Вања: Бев гол кога Зорица ми јави дека ми го нема детето

 

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска во Основниот Кривичен суд Скопје со сведочење на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.

Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и на Ана Стојкова Димитриевска на денешното рочиште го решетаа таткото на Вања со прашања. Тие го прашаа дали се познавал со обвинетите, на што тој одговори дека слушнал само за Палчо. 

- Не како личност туку кога имаше за објектот Тифани, него го споменуваа како Упа, не знам дали како изведувач или не знам што. Инаку ниту на ТВ, ниту никаде на друго место го имам видено како изгледа, рече таткото на Вања.

Призна дека од 1993 до 1995 година бил зависен од хероин, назално. Кога му се родиле децата тој ги чувал.

- Зорица имаше срцева мана, и јас од самиот почеток ги презедов сите обврски кон децата и семејствата, како за моето така и за на Зорица, и за да и олесниме, дури во еден момент дадов целосно отказ, во моментот кога бев вработен во Кометал. За кој што отказ мислев дека ќе биде од краток временски период додека сте стабилизираме. Меѓутоа многу набрзо дојде Миња, имаше само 1 година и 4 месеци помеѓу девојчињата, обврските се дуплираа така што се продолжи мојот рок кога бев невработен. Од 2010 до 2017 година. Додека Зорица беше бремена, немаше приходи, живеевме од мојата заштеда. Имавме пари од свадбата, имав поддршка од татко ми, а што се однесува до тоа со бабите, мајка и на Зорица инсистираше да земеме жена, а она и мајка ми воопшто да не се мешаат во воспитувањето на децата. Имавме неуспешен обид, земавме жена додека беа уште малечки, во детали ја фативме како на Миња и дава некакви средства за спиење за да седи мирна, од тие причини не се осмеливме да побараме друга жена, во градинка се обидовме, ги запишавме, и двете, една недела одеа во градинка и потоа две недели беа дома, изјави пред Судот Александар Ѓорчевски.

Кажа дека неговите ќерки оделе само прва смена на училиште, дека го знаел распоредот.

Обвинителство: Вечерта на 26.11 недела точно ли е дека пративте порака во ‘дискорт’ групата во 21.20 часот, цитирам, ‘Утре ќе биде ѕивра, извадете уште сега алишта сабајле да не губите време, извадете уште сега…. плус блуза, плус јакни, ракавици не мора ако каде да ги брцнете рацете’, оваа порака сте ја препратиле и на Зорица во 22,35 часот. Со пораката сакавте да ги спремите децата дека ќе одат на планина, а не на училиште? 

- Не се сеќавам точно за минути за часови, личи на мене тоа што го кажавте, не знам до збор како сум им пренел, меѓутоа суштината била да се облечат топло, затоа што тој ден навистина за прв пат беше најавуван како најстуден ден тоа зимо, познавајќи ги децата дека нема да ме фермаат ја препратив пораката и кај Зорица, за да ги наговори да се облечат топло за на училиште, а не во ски-комбилизони како што тука прејудицирате за на планина. Згора на се, како што претпоставував, и јас и Зорица, они беа во тинејџерски години, не ме послушале ниту мене ниту Зорица, и си се облекле фенси а не топло, рече тој.

Раскажа и за моментот кога Зорица му јавила дека Вања ја нема, на прашањето на обвинителката како тој ден веднаш стигнал на време, кога за него било својствено да доцни. Рече дека бил гол, по долна облека, ја ставил поранешната сопруга на спикер и брзо се облекол.

- Не знам од каде ви е овој заклучок, дека било својствено да доцнам, можеби не сум стасувал бидејќи сум имал обврски и не сум стасувал навремено да сменам две пелени, да облечам две деца, да ја изгасам ринглата каде што се готвела манџа и не се стигнувало можеби на некој роденден. Кога преземав пола од обврските, ги поделивме со Зорица, не сум задоцнил ниту секунди. За пауза на работа, за половина час, ќе стасав да идам до АХВ, да заверам сертификат, до Стопанска комора, и да стигнам до училиште да ја преминам Миња преку раскрсница и да се вратам на време на работа. Што се однесува до сабајлето, јас бев толку избезумен, што и гол да се симнев немаше да биде невообичаено, кажа таткото на Вања.

На изминатото рочиште, Ѓорчевски рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања и велешанецот Панче Жежовски. 

 

По Ѓорчевски треба да биде сослушан и обвинетиот Љупчо Палевски. 

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес. 

11.04.2025 - 10:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега