Нуредини: Употребата на кеси е намалена за осум пати
Државата за четири месеци, од декември до март, собрала над 700.000 евра од продажбата на пластични кеси. Министерот за животна средина, Насер Нуредини во интервју за Прес24 вели дека пресметките се прават на квартално ниво бидејќи трговците така ги вршат уплатите.
Најважно за Нуредини е што со оваа одлука, државата има контрола врз големите трговци, односно ланците на маркети и колку тие продаваат пластични кеси.
Во однос на чистењето на депониите со линдан во Охис, Нуредини вели дека иако чистењето на малата почнало со задоцнување, сега се работи со забрзано темпо. Но, засега не се знае кога ќе почне чистењето на големата депонија бидејќи се уште не се собрани пари. Според Нуредини, за тоа потребни се помеѓу 50 и 60 милиони евра.
-Од 1 декември лани стартуваше можеби мерката која се однесува на исфрлање од употреба на пластичните кеси за пазарење, чија цел покрај заштита на животната средина, е и промена на навиките на граѓаните и стимул на рециклирањето. Колку пари до сега се собрани од т.н. поеколошки кеси кои сега се плаќаат поскапо и кога и за што ќе се употребат тие пари од посебниот фонд?
Насер Нуредини: Собрани се 44.777.236 денари и тие пари се за период од четири месеци, заклучно со март. Поточно опфатени се месец декември 2021 година и првиот квартал од 2022 година, бидејќи пресметките и уплатите од трговците ќе се прават на квартално ниво.
Нашата идеја и предлог е да набавиме контејнери за селектирање на отпад за пластика и лименки. За жал, не може предлогот во овој момент да помине во Влада, бидејќи во време на постапка за ребаланс немаме законско право да направиме нова програма, или прераспределба и употреба на парите додека ребалансот е во Собрание. Кога ќе се усвои ребалансот, ние веднаш на седница на Влада ќе предложиме Програма за инвестирање на тие средства и ќе ја почнеме процедурата за набавка на тие контејнери. Но, не е важно само да набавиме контејнери, туку во меѓувреме да работиме со општините, бидејќи договорите мора да ги склучат општините со колективниот постапувач. Тие ќе мора прво да нè информираат каде може да ги поставиме контејнерите за потоа колективниот постапувач да го собира селектираниот отпад.
Со целата таа процедура, мислам дека до крајот на септември можеби веќе ќе ги имаме тие контејнери и ќе ги поставиме во сите општини. Распределбата, нормално, ќе се прави според определена методологија и бројот на контејнери ќе зависи од бројот на граѓани во општините.
-Сведоци сме дека и натаму дел од трговците даваат обични пластични кеси како ипретходно без да ги наплаќаат. Имате ли информации за состојбата на терен, има ли казнети трговци?
Насер Нуредини: Тој податок го имаатинспекторатите. Но, сега е време да почнеме со средните и мали трговци. Идејата беше да се започне од најголемите, а потоа да се премине на средните и на крај на најмалите трговци. Важно е дека најголемите ги контролираме и нè информираат како што е предвидено. За жал, има уште некои од средните трговци кои даваат така кеси и секако, тие најмалите сигурно дека даваат од пластичните кеси без да ги наплатат. Но, мислам дека полека ќе го решиме и тоа. Важно е дека според статистиката што ја добиваме од големите трговци, најмалку осумкратно е помала употребата на пластични кеси. Веќе се забележува тоа и навистина се менуваат навиките на подобро.
-Ќе има ли кампањи за подигнување на свеста за селекција на отпад?
Насер Нуредини: Секако дека идејата е да имаме и кампања но, ние во нашата историја како држава имаме направено многу кампањи, но факт е деканедостига инфраструктура. Сега, можеби во Скопје имаме одреден број контејнери за селектирање отпад но, во другите градови нема толку. Затоа, идејата е прво да се постават садови за селектирање на пластика и лименки, бидејќи тие одат во еден контејнер, од кој лесно ќе може да се прави секундарна селекција. Ќе имаме и кампањи но, според мене, поважно е прво да имаме инфраструктура.
-До каде е идејата за изградба на регионални депонии?
Насер Нуредини: Сите зборуваме за надлежност за собирање на отпад. А, тоа законски е решено уште од 1992 година, дека таа обврска е на општините. Собирање на отпад, вода за пиење и отпадни води се обврски на општините. Но, веќе 30 години топката се префрла меѓу општините и Владата. Овој проект е уште во почеток, ние ќе разгледаме сè и ќе анализираме. Дали имаат општините фискална можност сами да изградат депонии? За жал, не. Затоа, ние сега ќе земеме заем од ЕБОР во износ од 55 милиони евра и ќе аплицираме за грант од WBIF (Европски инструмент Инвестициска рамка за Западен Балкан) за да изградиме централни депонии во општините по региони, трансфер станици и ќе набавиме контејнери за комунален отпад и камиони за транспорт на отпадот. Со дел од средствата ќе се затворат постоечките диви депонии и сметлишта. Ние сè ова ќе им обезбедиме на општините, за тие да имаат капацитет сами да управуваат со тоа. Истовремено, нормално ќе работиме на подигнување на свеста за селектирање отпад. Бидејќи целта е да се одлага помалку отпад на депониите, она што нема друга употребна вредност, а тоа значи помал трошок за општините и помалку загадување на нашата животна средина.
-Очекувате дека со изградбата на регионалните депонии ќе се среди и проблемот со дивите депонии?
Насер Нуредини: Мислам дека да, затоа што сега во законот обврските се многу јасни. Ако општината не го прати комуналниот отпад до депонијата, која е идентификувана во нашиот план, државата има можност да го казни градоначалникот, како одговорно физичко лице, во износ до 5.000 евра.
-Веќе интензивно се работи на чистење на малата депонија со линдан во округот на поранешната фарика Охис. Со оглед дека се доцнеше со почетокот, дали депонијата ќе се исчисти во зададените рокови?
Насер Нуредини: За жал, доцниме малку поради заштитниот шатор. Идејата беше да почнеме во септември 2021 година но, заради пандемијатадоцнеше производството на шаторот и се испорача и постави во почетокот од оваа година. Првичниот план беше да завршиме до крајот на 2022 година. Со доцнењето на испораката на шаторот мислевме дека ќе ги пробиеме роковите и за чистење. Но, одлична вест е што тие се побрзи од тоа што беше предвидено. Тоа значи дека сепак, до крајот на годината ќе заврши чистењето на малата депонија. Околу 8,4 милиони евра чини нејзиното чистење и имаме средства, 2 милиони евра од Норвешка, нешто над 2 милиони евра имаме од Глобалниот еколошки фонд, добивме средства од Европската делегација и 2 милиони евра инвестираме ние од државниот буџет. И нормално, во меѓувреме мора да најдеме средства за големата депонија.
-Се знае ли колку пари се потребни за чистење на големата депонија со линдан?
Насер Нуредини: Нема точна пресметка но, според првичните калкулации за количината што треба да се исчисти се работи за износ од околу 50-60 милиони евра.
-Има конкретен рок за чистење на големата депонија?
Насер Нуредини: Зависи од обезбедувањето финансии. Без да имаме пари не може да кажеме кога ќе се чисти но, ние бараме поддршка од Европската делегација, бидејќи за време на преговорите за влез во ЕУ, Романија и Бугарија добија одредена поддршка од ЕУ за чистење на вакви депонии.
-А што е со другите мали депонии каде има складирано жива или различни пестициди? Ќе стигнат ли тие наскоро на ред за чистење?
Насер Нуредини: Да, ќе стигнат и тие на ред. Ние ја имаме потпишано Минамата Конвенцијата за жива и во рамки на тоа ќе бараме поддршка за чистење на живата.
Важно е да се знае дека и сите тие други хемикалии што беа веќе складирани над земја или во буриња, сè е извезено. За другите кои понираат во земјата потребно е поголемо истражување за да се утврди каде и што има, па според тоа да се делува. Во секој случај, најголемите количини и најопасните беа тие буриња со винил хлорид мономер, кои веќе се извезени и линданот, на чие чистење работиме во моментов.
-Има ли конкретен план за справување со жешките точки во земјава?
Насер Нуредини: Со новите законски измени за животна средина, за прв пат во државата се обврзуваат институциите официјално да ги идентификуваат жешките точки во нашата земја. Ние, сите знаеме дека има 16 но, законски не можеме ништо да направиме со тоа. Ниту можеме да чистиме, бидејќи законски нема можност. Сега со методологијата за идентификување и планот за ревитализација имаме законска основа да бараме парична поддршка или сами да обезбедиме буџетски пари за да ги чистиме тие жешки точки. Тоа значи дека во Лојане, каде што има складиран арсен и Југохром во Јегуновце, каде што има шестовалентен хром, кој што е многу ризичен, како и другите што ги имаме, на пример во Пробиштип, сега официјално ќе кажеме дека ова се наши жешки точки. Ние, како Министерство, управуваме со нив и денес. На пример управуваме со пумпите во Јегуновце. Надлежностите за жал се многу измешани. За Југохром, на пример, во 90-тите години била приватизирана само фабриката, а депонијата останала под надлежност на државата. Сега ние управуваме само со пумпите за прочистување на отпадните води кои се таму. А, тоа е обврска на Југохром но, бидејќи фабриката не работи и нема како да го одржува системот, ние помагаме, иако според договорот треба Југохром да го менаџира прочистувањето на отпадните води, бидејќи пречистителната станица е во земјиштето на Југохром.
-Состојбата со водостојот на Преспанското Езеро веќе долго е еден од посериозните проблеми со кои се соочуваме. Има ли напредок во соработката со соседните држави за заедничко делување за спас на Преспанското Езеро, кое секојдневно се повлекува?
Насер Нуредини: Ние веќе преземавме активности за формирање на Заеднички Комитет за Преспанското Езеро со Албанија и Грција. Стручните лица веќе соработуваат, бидејќи без да имаме податоци од сите страни не може да кажеме кој не управува соодветно со Преспанското Езеро. И сега, на крајот од јуни, ќе имаме технички состанок со претставници од сите три држави за да се разгледаат податоци кои до сега се подготвени. Со декади нивото на Преспанското Езеро се намалува. Сега, за жал нивото е најниско. Тоа значи дека ќе биде потребно подолго време за да се наполни езерото и да се покачи нивото. После состанокот со експертите ќе имаме некои првични сознанија и насоки за натамошно делување. Важно е дека има волја од страна на сите три држави за да се делува час поскоро за спас на Преспанското Езеро.
-До каде е процедурата за пречистителната станица во Скопје?
Насер Нуредини: Очекуваме да финализира евалуацијата на понудите од изведувачите, а во следниов период очекуваме и одобрение од меѓународните институции за да потпишеме договор за заем од Европската инвестициска банка, од ЕБОР и за грант од Европската делегација. Доколку сè биде во ред можеби изградбата ќе започне кон крајот на годинава, а проектот би бил готов за најмногу четири години. Се работи за голема инвестиција во вредност од над 130 милиони евра. Државата ќе ја изгради, а ќе биде под надлежност на Град Скопје. Тоа е многу важен проект, бидејќи нашите отпадни води целосно одат во Вардар.
-Истражувањата покажуваат дека се губи многу питка вода во главниот град поради неколку причини, како застарена инсталација, или питката вода се троши за наводнување зеленило или за миење улици во главниот град. Има ли начин да се справиме со ова?
Насер Нуредини: Тоа е поради старата инфраструктура од Рашче до градот. За жал, губиме вода но, имаме и неколку општини кои воопшто немаат вода за пиење. Мојата политика е насочена првенствено сите да имаме вода за пиење, а потоа ќе почнеме со рехабилитација на старата инфраструктура. Не може да инвестираме во рехабилитација на нешто, додека други граѓани немаат чиста вода за пиење. Затоа, сега во втората фаза на заем за води, ќе се обврземе и ќе соработуваме со сите општини во државата за да обезбедиме вода за пиење каде што нема. А, кога ќе завршиме со тоа, следниот проект ќе биде обезбедување канализација. Претходно тоа беше обврска на Министерството за транспорт. Но, за жал, 50 милиони евра, колку што изнесува заемот, нема да го решат целосно проблемот, бидејќи според анализите, износот за задоволување на потребите на општините надминува 185 милиони евра и тоа станува збор само за потреби за вода за пиење, за отпадни води или мрежа за канализација, без пречистителни станици. Парите за оваа намена ќе се распределуваат според бројот на жители во општините. Ќе има и дисциплинска рамка, во смисла доколку во период од три години не го реализираат конкретниот проект, парите ќе им ги одземеме и ќе ги дадеме на друга општина. Со оглед на тоа што често се случува општините да немаат доволно капацитет за да ги реализираат проектите, па ние ќе формираме стручен тим, кој ќе им биде на располагање да им помогне за сите административни недостатоци, со цел брза изградба. Во време на економска криза, реализацијата на вакви капитални инвестиции ќе значи нови вработувања, стимулирање на економијата но, пред сè значи добробит за граѓаните.
Мирјана Јовеска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа