Во централното градско подрачје стапува во сила нов сообраќаен режим, чија цел е подобрување на протокот на возилата и зголемување на функционалноста на сообраќајната мрежа.
Според најавените измени, сообраќајот од Јужен булевар кон Кисела Вода ќе се одвива по улицата што минува покрај кафеаната „Ив“, која од сега ќе биде еднонасочна. На оваа локација ќе биде поставен и нов семафор за лево вртење, со кој ќе се овозможи приклучување кон улицата „Есенинова“ во правец кон Аеродром.
Промени се воведуваат и на улицата во близина на објектите на Пазарната инспекција, која води кон Тутунскиот комбинат. Иако и досега беше еднонасочна, отсега сообраќајот ќе се одвива во обратен правец.
Со оваа измена, од Јужен булевар повеќе нема да биде дозволено лево вртење кон Аеродром и Тутунски комбинат. Наместо тоа, возилата ќе се движат од правец на Тутунскиот комбинат кон Јужен булевар, со директно вклучување во подземната сообраќајница.
Како дел од новиот режим, на улицата „11 Октомври“ е извршено стеснување на коловозот. Наместо досегашните три сообраќајни ленти, по поставувањето на нова жардиниера сообраќајот ќе се одвива по две ленти.
Надлежните очекуваат новите измени да придонесат за подобра организација и поголема проточност на сообраќајот во овој дел од градот.


