Македонскиот олимписки комитет и Општина Кисела Вода денеска одржаа заедничка работна сесија посветена на стратешкиот развој на спортот, унапредувањето на спортската инфраструктура и едукацијата на спортската администрација.
На настанот присуствуваа претставници од локалниот спортски сектор, а свои обраќања имаа претседателот на МОК, Даниел Димевски, и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Претседателот на МОК, Димевски, истакна дека Општина Кисела Вода се издвојува како позитивен пример за системски пристап кон управувањето со спортот.
„Спортот денес бара повеќе од само терени; тој бара квалитетна администрација и менаџмент кој знае како да ги искористи меѓународните фондови и олимписките програми. Општина Кисела Вода покажува сериозна подготвеност да чекори во таа насока,“ нагласи Димевски.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска порача дека општината останува цврсто посветена на создавање подобри услови за младите спортисти и развој на локалниот спорт.
Таа потенцираше дека партнерството со Македонскиот олимписки комитет има клучна улога во процесот на препознавање, поддршка и развој на идните олимписки таленти кои произлегуваат од оваа општина.
Работната сесија заврши со дефинирање на конкретни насоки за идна соработка. Меѓу најавените активности се организирање заеднички семинари за едукација на спортските работници, воведување програми за олимписки вредности во основните училишта, како и модернизација на спортските објекти согласно меѓународните стандарди.

