Нови детали објавени од српски „Блиц“ откриваат дека киднапирањето на Даниел Кајмакоски се случило во моментот кога тој излегувал од барот во „Бетон Хала“ каде што имал настап. Двајца напаѓачи, за кои се претпоставува дека се странски државјани, му пристапиле вооружени со нож и пиштол, по што со сила го турнале во неговиот автомобил и го врзале.
Драмата добила на интензитет кога полицијата, која вршела засилени контроли поради викендот, им сигнализирала да застанат. Во истиот момент, пријател на пејачот веќе го пријавил киднапирањето во полициска станица, што овозможило брза и координирана потера.
„Намерата на киднаперите била финансиска корист, односно планирале да контактираат со семејството на пејачот за да побараат откуп“, пренесува „Блиц“. Потерата завршила кај Рума со удар во тротоарот, по што киднаперите исчезнале, а македонскиот претставник на Евровизија 2015 бил пронајден во возилото. Потрагата по сторителите е сè уште во тек.

