Нова средба за покачување на минимална плата, ако нема договор - синдикатите на штрајк
Нова средба меѓу синдикатите, работодавачите и Владата е закажана за денеска во 16 часот на која повторно ќе се разговара за барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.
За синдикатите е неприфатлив предлогот на работодавачите изнесен на последниот Економско-социјален совет одржан во средата, бидејќи според пресметките на синдикатот во тој случај минималната плата во нето износ би изнесувала 16.164 денари. Незадоволството од ваквиот предлог ќе го искажат денеска од 13:30 до 14:30 часот кога Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија како највисоки органи на синдикатот ќе ја блокираат улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија.
– Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија, изјави вчера Димовски.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија во средата предложија критериумите за определување на минималната плата да претрпат измени и очекуваат за ова да се изјасни Владата.
– Очекуваме предлог и од Владата дали ќе бидат прифатени нашите идеи. Имавме некоку идеи, истите дали ќе бидат прифатени или не. Синдикатот имаше нивни идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители, изјави претседателката на ОРМ, Владанка Трајковска во средата по завршување на Економско-социјалниот совет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа