Турското Министерство за здравство отвори специјализирани клиники за млади на возраст од 12 до 18 години кои сакаат да се откажат од пушењето, објави весникот „Дејли сабах“.
Новите центри ќе нудат индивидуализирано лекување и советување, прилагодени на биолошките, психолошките и социјалните потреби на адолесцентите. Според турските здравствени власти, младите стануваат сè поранливи на никотинска зависност поради притисокот од врсниците, влијанието на социјалните мрежи и полесниот пристап до новата генерација никотински производи, меѓу кои и електронските цигари.
Во моментов, вакви специјализирани клиники функционираат во седум центри во областите Агри, Анкара, Бурса, Чанакале, Чорум и Ќутахја, а Министерството за здравство најавува постепено проширување на мрежата низ цела Турција.
Овие клиники се дел од пошироката национална програма за борба против пушењето. Во изминатите години во земјата се отворени околу 1.600 центри кои обезбедуваат поддршка за граѓаните што сакаат да се ослободат од зависноста од тутун.
Во меѓувреме, весникот „Хуриет дејли њуз“ неодамна објави дека владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), во соработка со Министерството за здравство, подготвила предлог-закон со кој се предвидуваат нови ограничувања за пушењето, вклучително и целосна забрана за продажба на сите тутунски производи во Турција од 1 јануари 2040 година.


