Од април следната година во Англија ќе стапи во сила забрана за продажба на енергетски пијалаци со висока содржина на кофеин на деца помлади од 16 години, соопштија британските власти, пренесува Би-би-Си.

Според новите правила, продавниците, рестораните, кафулињата, автоматите за продажба и онлајн-платформите нема да смеат да продаваат пијалаци што содржат повеќе од 150 милиграми кофеин на литар на лица под 16-годишна возраст.

Мерката не се однесува на безалкохолни пијалаци со пониска концентрација на кофеин, како што е диеталната „Кока-кола“, ниту на чајот и кафето. Над утврдениот праг се наоѓаат популарни брендови како „Ред бул“, „Монстер“, „Рилентлес“ и „Прајм“.

Британските власти наведуваат дека целта е да се намали дебелината кај децата и да се спречат здравствени проблеми поврзани со прекумерниот внес на кофеин, како нарушувања на сонот, зголемена анксиозност, намалена концентрација и послаби резултати на училиште.

Во повеќе европски земји веќе постојат ограничувања за продажба на енергетски пијалаци. Во Литванија, Летонија, Полска, Романија, Бугарија и Унгарија минималната возраст за купување е 18 години, додека во Норвешка таа граница е 16 години. Во Австрија сè уште нема законска забрана, но темата е предмет на јавна дебата.

Во меѓувреме, австриската организација за заштита на потрошувачите „Фудвоч“ (Foodwatch) спроведе тест во кој деца на возраст од осум, 11 и 14 години без никаква проверка на возраста успеале да купат енергетски пијалак во неколку ресторани на синџирот „Мекдоналдс“ во Виена и околината.

Станува збор за пијалакот „Тропикал енерџи рефрешер“, кој од април годинава се продава во австриските ресторани на синџирот. Според информациите на интернет-страницата на компанијата, пијалакот содржи 31 милиграм кофеин на 100 милилитри и не се препорачува за деца и бремени жени.

Од „Фудвоч“ пресметале дека една стандардна чаша од овој пијалак содржи околу 93 милиграми кофеин, што е повеќе отколку во лименка од 250 милилитри „Ред бул“.

Exit mobile version