Компанијата „Мета“ започна со тестирање на радикален модел кој би можел засекогаш да го промени начинот на кој го користиме Фејсбук. Како што пренесува „Гардијан“, социјалната мрежа експериментира со систем кој го ограничува бројот на бесплатни споделувања на интернет линкови во текот на еден месец.
Според овој модел, корисниците би имале одреден „лимит“ на бесплатни објави со надворешни линкови, а доколку сакаат да споделуваат повеќе, ќе мора да платат месечна претплата. Од „Мета“ велат дека ова е дел од стратегијата за борба против спамот и содржините со низок квалитет, но јасно е дека фокусот е ставен на дополнителна монетизација на платформата.
Иако засега станува збор за ограничен тест на мал број корисници, самата најава предизвика бура од реакции кај јавноста која стравува дека социјалната мрежа станува сè поскапа за користење.

