Националниот парк „Шар Планина“ упати сериозни обвинувања за работењето на дел од операторите на Попова Шапка. По вчерашниот конфликт на терен, додека раководството давало изјава во полиција, на сметката на установата пристигнала неочекувана уплата од 300.000 денари од ресторан „Арена“.
Од Националниот парк појаснуваат дека ресторанот „Арена“ не е официјален оператор за скијање со ратрак и со нив немаат склучено договор, ниту пак поседуваат лиценци за туризам.
„Средствата се уплатени без претходно издадена фактура или барање за уплата и ќе бидат вратени во првиот нареден работен ден. За случајот е известен и Секторот за економски криминал“, стои во соопштението.
Установата нагласува дека дејноста скијање со ратрак мора да се одвива на строго регулиран начин според Планот за управување со паркот. Тие бараат темелна истрага за вчерашните случувања, во кои нивните вработени биле спречени да ги заштитат природните вредности на планината.

