Нов руски учебник ја оправдува војната во Украина
Вчера во Москва беше претставен нов школски учебник, кој ја споредува војната на Русија во Украина со советската борба против нацистите и тврди дека Русија била „приморана“ да испрати војници во Украина.
Претседателот Владимир Путин ја прикажува војната, која Москва официјално ја нарекува „специјална воена операција“, како тежок, но неопходен конфликт против Украина поддржана од Запад и НАТО. Путин тврди дека ова е дел од пошироката егзистенцијална борба против декадентниот Запад кој се обидува да ја ослабне и подели Русија, пишува Ројтерс.
Од друга страна, Украина и нејзините западни сојузници тврдат дека Русија води брутална и непредизвикана војна чија цел е освојување територии.
Учебникот во три тома „Воена историја на Русија“, уреден од Владимир Медински, советник на Путин кој ги водеше неуспешните мировни преговори со Украина во 2022 година, е претставен како главен учебник по историја на Русија. Третиот том, кој украинското раководство најверојатно ќе го отфрли како пропаганда, е наменет за ученици на возраст од 15 и повеќе години.
Тој дел објаснува зошто Кремљ верува дека војната започнала и како се води, истакнува примери за она што тие веруваат дека е херојство на бојното поле и опишува како модерната руска војска понекогаш применува техники што ги користела советската армија за време на Втората светска војна.
Во поглавјето насловено како Професионализам, непоколебливост и храброст: руски трупи во специјална воена операција, книгата им објаснува на учениците дека Русија била „приморана“ да испрати свои војници во Украина во 2022 година.
Се тврди дека Западот со години ги игнорирал безбедносните грижи на Русија – наведувајќи го ширењето на НАТО кон исток – и го поддржал соборувањето на прорускиот украински претседател во 2014 година, што ја претвори Украина во „агресивно антируско упориште“.
НАТО и Украина ги негираат тврдењата дека некогаш претставувале закана за Русија. Говорејќи на прес-конференцијата на ТАСС за новата книга, Иван Басик, воен историчар поврзан со руската војска, рече дека западните и украинските акции ја прават војната „неизбежна“.
„Најважната задача беше да им се објасни на помладата генерација, на учениците, присилната природа на специјалната воена операција што ја спроведува Руската Федерација“, рече тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа