ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) воведува нов систем за организација на јавните паркиралишта. Главната новина е што секоја станбена единица ќе добие право на бесплатно паркирање за едно возило во својата зона на живеење.

Од претпријатието појаснуваат дека целта на овие измени е да се обезбеди поголема достапност на просторот за локалните жители и подобра ефикасност во управувањето.

„Со новиот модел, секоја станбена единица добива обезбедено бесплатно паркирање за едно возило во својата зона, како гаранција за приоритет и достапност за жителите. Дополнително, се овозможуваат и проширени опции за користење на услугите на претпријатието за корисниците кои имаат потреба од тоа“, наведуваат од ПОЦ.

Директорот на претпријатието, Душко Коцевски, истакна дека со ова се воспоставува поправеден систем кој истовремено ќе овозможи и нови инвестиции во инфраструктурата.

„Со овие измени воведуваме појасен и поправеден систем на користење на јавните паркиралишта, во кој жителите го задржуваат приоритетот во секторот на живеење. Истовремено, создаваме основа за сериозен инвестициски циклус, модернизација на инфраструктурата и унапредување на услугите што секојдневно ги користат граѓаните“, изјави Коцевски.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека фокусот останува на потребите на граѓаните во близина на нивните домови.

„Целта е жителите да имаат подобра достапност до паркинг во близина на своите домови, а системот да биде пофер, поодржлив и подготвен за понатамошни инвестиции и модернизација“, истакна Герасимовски.

Како дел од новините се воведува и „Зона Х“ – хуманитарни паркинг-места. Средствата од овие места ќе се донираат во соработка со Црвениот крст. Измените вклучуваат и усогласување на цените за месечните карти и услугите на пајак-службата.

Exit mobile version