Норвешка и натаму нема да ja користи вакцинaта на „Астразенека“

Европската агенција за лекови (ЕМА) попладнево објави дека вакцината на „Астразенека“ е безбедна и ефикасна и дека нема потреба да се запре имунизацијата со оваа вакцина бидејќи нема конкретни докази оти истата предизвикува згрутчување на крвта кај пациентите.

Но, норвешкиот Институт за јавно здравје објави дека во таа земја и натаму ќе биде во прекин имунизацијата со оваа вакцина. Директорот Аудун Хаги на прес-конференција рече дека не може да ја исклучи врската помеѓу згрутчувањето на крвта кај пациентите и вакцината на „Астразенека“.

Тој рече дека шест лица имале тешки компликации по вакцинацијата, а две лица починале.

Според истражувањето на универзитетската болница Риксхоспиталет во Осло, силниот имунолошки одговор по примањето на вакцина од „Астразенека“ довел до тоа тројца здравствени работници да добијат згрутчување на крвта, од кои едниот починал.

Оваа вест беше објавена утрово од норвешката новинска агенција НТБ, пред ЕМА да го објави својот финален извештај.

„Добивме наоди кои можат да ја објаснат клиничката слика на нашите пациенти“, рече главниот лекар и професор Пол Андре Холме од Риксхоспиталет на вонредна прес-конференција.

„Веруваме дека ова е важно да се соопшти, најдовме разумен модел на објаснување“, рече Холме.

Научниците немаат одговор зошто токму тие тројца здравствени работници добиле згрутчување на крвта, а другите луѓе не.

„Имаме теории, но не можеме да тврдиме зошто некои го добиваат тоа, а други не“, рече Холме.

Норвешкиот истражувачки тим верува дека вакцината довела до неочекувана реакција на имунолошкиот систем, по што настанало згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.

„Докажавме дека специфични антитела ја предизвикуваат оваа состојба со тромбоцитите, за што активатор е администрираниот лек. Нема ништо друго освен вакцина што може да предизвика ваква реакција на имунолошкиот систем”, додава Холме.

Додека Норвешка останува на ставот да ја стопира вакцинацијата со „Астразенека“, неколку европски земји кои го чекаа финалниот извештај на ЕМА, од утре ќе продолжат да ја користат вакцината. Тоа засега го најавија Словенија, Италија, Летонија и Литванија, а шведските здравствени власти соопштија дека ќе размислат уште неколку денови.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.03.2021 - 20:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега