Вишеградските држави број еден пријател на Македонија во ЕУ и НАТО

Владите од Вишеградските држави се број еден пријател на Македонија во ЕУ и НАТО и претставуваат лоби група од 60 милиони граѓани, истакна денеска Јозеф Бенце, амбасадорот на Унгарија во земјава.

Со врачување штафета му го примопредаде претседателството со Вишеградската група на својот словачки колега Мартин Безак.

- Четирите земји од В4 се најголемите поддржувачи на Македонија и нејзините напори за ЕУ интеграцијата. Вкупно 60 милиони жители и даваат поддршка на вашата земја, рече Бенце.

Унгарската поддршка на Македонија, рече Бенце, во континуитет е стабилна и константна, а се реализира во секоја прилика, не само институционално, туку и на најразлични средби, конференции,... Освен политичкиот, опфатени се сите аспекти, обезбедувањето стипендии за студентите, деловната промоција, културата и сите други врски. На таков начин, посочи амбасадорот, се потврдуваат и добрососедските односи релевантни за регионот.

И словачкиот амбасадор Безак ја потврди заложбата на В4 во однос на поддршката за земјите од Западен Балкан со цел нивно поскоро евро-атлантско интегрирање.

- Словачкото претседателство со Вишеградската група почнува на 1 јули. Приоритет во следните 12 месеци ќе биде продолжувањето на политичкиот дијалог со земјите од Западен Балкан. Ќе продолжиме да ја поддржуваме политиката на отворени врати на ЕУ и секоја земја чија цел е приклучување кон Унијата и НАТО. Во оваа насока сме отворени за споделување на нашите искуства и добри пракси, истакна Безак.

В4 од годинава располага и со фонд за Западен Балкан вреден 400.000 евра.

Вишеградската група е основана во 1991 година, а ја сочинуваат Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Целта беше соработка во процесот на приближување кон ЕУ. Овие земји станаа членки на Унијата на 1 мај 2004 година. Единствена инстиуцијатива на В4 е Меѓународниот вишеградскиот фонд.

За две децении, како што рекоа Бенце и Безак, В4 стана симбол за успешна регионална соработка во Централна Европа, бренд со влијание во ЕУ и пошироко. 

27.06.2014 - 13:54
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа