Владата бара кандидат за амбасадор во Бразил

Македонската Влада го дополни огласот за ангажирање лица на раководни позици во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори објавен на 14 јуни со уште една позиција, а тоа е амбасадор на Република Македонија во Бразил. 

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информираше дека за за позицијата амбасадор во Бразил, кандидатите ќе може да аплицираат до 14 јули 2014 година, а за сите останати позиции кои се содржани во огласот остануваат рокот до 30 јуни 2014 година.

Ѓорѓиев апелираше до сите кандидати кои ги исполнуваат условите од огласот и кои поседуваат квалитет и способност да аплицираат за македонски амбасадор во Бразил.

На огласот за сите позиции, рече владиниот портпарол, досега се пријавени 942 кандидати. 

- Ова е добра бројка и Владата е задоволна, рече Ѓорѓиев додавајќи дека првичните проценки од поднесената документација покажува дека станува збор за лица кои поседуваат високи квалитети и способности.

Портпаролот на Владата ги повика сите квалитетните кадри да се пријават, потсетувајќи дека крајниот рок за пријавување на овој оглас е 30 јуни.

Огласот се однесува на ангажирање 379 лица за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори. Сто педесет и девет се за раководни позиции во државната управа, меѓу кои пет амабасадорски места, осум воени аташеа, 15 позиции на државни секретари во министерствата, над 20 директорски места на централни и државни органи, како и дваесетина позиции на директори на научни установи. Покрај ова распишан е и оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори во државни агенции, јавни претпријатија, клиники и тн.

Огласот се однесува за позиции кои веќе се испразнети  и за места чиј мандат на сегашните раководни лица истекува во текот на годинава или на следните две години.

27.06.2014 - 13:35
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега