Вељаноски-Чичек: Македонија и Турција ќе ја интензивираат економската соработка

 

 

Македонија и Турција традиционално имаат добри пријателски односи, но се уште има простор за нивно подобрување и интензивирање, особено на економски план. Добрите економски параметри, мирот и стабилноста ќе помогнат за надминување на политичките прашања за влез во НАТО и ЕУ.

Oва денеска во Анкара го истакнаа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и претседателот на Големото национално собрание на Турција, Џемил Чичек. 

Вељаноски, пренесува МИА, се заблагодари за политичката поддршката што Македонија ја добива од Турција како за членството во НАТО и ЕУ, така и за други меѓународни активности и иницијативи, како што беше поддршката за наше членство во Советот за човекови права на ОН.

- Иако економската соработка е на високо ниво има простор за нејзино зголемување. Македонија е отворена за инвестиции и верувам дека по посетата на нашиот премиер во септември таа ќе се зголеми, рече Вељаноски додавајќи дека и покрај кризата, Македонија има добар економски раст кој со уште нови инвестиции би можел да се зголеми. 

Двајцата соговорници се согласиле дека иднината на целиот Балкан е во европското семејство. И покрај предизвиците со кои се соочува, истакна Вељаноски, Македонија треба да се усмери кон економски напредок, кој ќе и помогне да се надминат политичките прашања. 

Турските граѓани во Македонија, додаде Вељаноски, се лојални на државата, многу ценети и даваат значаен импут на мултиетничноста на државата.

Во однос на парламентарната соработка, спикерот на македонското Собрание го покани Чичек и турските пратеници да ја посетат Македонија. Најави скоро формирање на работните групи за соработка со парламентите на други држави во македонското Собрание, имајќи предвид дека новиот состав се конституираше во мај. 

Чичек истакна дека Македонија е клучна држава на Балканот. Турција, рече тој, и дава поддршка на Македонија за решавање на спорот со името и за влез на земјата во НАТО и ЕУ.

– Се надеваме дека ќе го решите проблемот со Грција за името, посочи Чичек.

Од влезот на Македонија и Турција, корист ќе има самата ЕУ. Економската сила на Турција, според Чичек, е многу битна за Унијата. 

Даваме поддршка на нашите инвеститори, додаде претседателот на турскиот Парламент, за уште поголемо вложување во Македонија. За зголемување на бројот на инвеститорите, според него, ќе помогне и посетата на македонскиот премиер на Турција бизнис форумот.

Претходно денеска претседателот на Собранието Вељаноски положи цвеќе во Мавзолејот на Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција.

Во рамки на официјалната посета Вељански ќе разговара и со потпретседателот на турската Влада Булент Аранч, а ќе биде примен и од  претседателот на Турција, Абдула Ѓул.

Во Истанбул утре Вељаноски ќе има средба и со патријархот Вартоломеј. 

27.06.2014 - 13:14
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега