ДУИ во декември излегува од Владата?

ДУИ ќе чека да помине и декемврискиот Самит на Европската унија, па потоа ќе го одржи тематскиот конгрес на кој ќе ја креира идната партиска платформа, но и ќе го разгледува натамошно учество во Владата, доколку дотогаш нема напредок во евроинтеграцискиот процес и зачленувањето во НАТО, пишува Утрински весник.

Рокот од шест месеци што партијата првично го даде, а го врза со септемврискиот Самит на НАТО и октомврискиот извештај за напредокот на Македонија, сега го поврзуваат со редовниот декемвриски Самит на ЕУ, по што партијата ќе оценува во која насока ќе се движи партиското дејствување. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен, соопшти дека ниту една земја нема да добие покана за членство на претстојниот самит во Велс, и додаде дека не е потребен самит за некоја од четирите земји-аспиранти да стане полноправна членка на Северноатлантската организација. Пред состанокот на Северноатлантскиот совет (НАК) тој рече дека ниту Црна Гора ниту Грузија нема да добијат членство во септември, како што се најавуваше.

За ДУИ е важна одлуката на НАТО, Македонија веднаш штом ќе го реши проблемот со Грција да добие покана за членство.

„Самитот на НАТО е битен настан, но не е пресуден кога е во прашање членството на Македонија. За нас важи заклучокот од 2008 година дека не треба да чекаме одржување самит на НАТО за да добиеме покана. Од друга страна, Самитот е за три месеци, а ние по договорот за формирање влада најавивме рок од шест месеци. За нас се важни и меѓународните случувања кои следуваат потоа – извештајот за Македонија што го подготвува Европската комисија, потоа новата раководна гарнитура во ЕУ, декемврискиот Самит на ЕУ… Тука е и Конференцијата за Западен Балкан што ќе се одржи на 28 август, а која ја организира кацеларката Ангела Меркел…“, изјави висок партиски функционер за Утрински весник.

За него не е спорно ниту тоа што Македонија во моментов нема официјален преговарач во спорот со Грција, по заминувањето на Зоран Јолевски на министерска позиција. Смета дека проблемот не може да се реши на пониско ниво, туку можат да го решат премиерите на двете држави со помош на меѓународната заедница и тоа токму овој период кога, како што велат, сме блиску до решение.

 

 

27.06.2014 - 12:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега