Од 1 јули нов сообраќаен режим на патиштата низ Македонија - за камионите забрана

Од 1 јули на државните патишта во земјава се воведува изменет сообрааќаен режим кој ќе важи до 31 август 2014 година.

Како што информират од АМСМ, за време на викендот и при екстремно високи температура ќе биде забранет сообраќајот за тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони.

Забраната се однесува за секој петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот.

Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.

За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

На патниот правец Гостивар-Охрид од 1 јули 2014 на сила стапува  ограничениот режим на движење за тешки товарни возила над 7,5 тони. Ограничувањето на движењето се однесува за петок од 15 до 24 часот, и сабота и недела од 7 до 24 часот. Овој режим на движење ќе важи до 1 септември 2014 година.

Во Градот Скопје од 16 јуни започната забрана за движење на тешки товарни возила која важи во текот на денот од 10 до 20 часот, во периодот до 1 септември 2014.

Забраната не се однесува за возилата кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈГП, превоз на експлозивни, запаливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали, како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за Општините во Скопје, Град Скопје и Влада на РМ.

(МИА)

27.06.2014 - 11:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа