СДСМ се откажува од барањето за техничка влада?

Барањето на СДСМ за техничка влада беше камен на сопнување на првата средба Груевски - Заев. За ВМРО-ДПМНЕ ова барање е неприфатливо, но, велат, отворени се за дискусија за прашањата кои ги адресираат политичките партии во Република Македонија, а се во согласност со принципите и вредностите на ВМРО-ДПМНЕ и се во согласност со европските стандарди.

Сепак, Груевски и Заев, најверојатно, ќе си дадат втора шанса наесен. Нови преговори меѓу Груевски и Заев може да се очекуваат некаде во септември. Кон крајот на летово, најверојатно, во присуство на странски олеснувач, според досегашните информации, ќе продолжат преговорите меѓу двајцата лидери, меѓутоа, тогаш барањето за техничка влада воопшто нема да биде на маса. 

Извори од СДСМ велат дека Заев веќе им соопштил на своите сопартијци дека преговорите, најверојатно, ќе продолжат по летото, но не соопштил детали дали во септември опозицијата повторно ќе излезе со барањето за техничка влада.

Во ВМРО-ДПМНЕ не изнесуваат повеќе информации. Велат дека по разговорите со Заев заседавал Извршниот комитет на партијата, кој констатирал дека барањето за техничка влада не може да биде прифатено.

И експертската јавност е зачудена од барањето на СДСМ за техничка влада, особено ако се има предвид дека изборите беа пред два месеци и на нив ВМРО-ДПМНЕ однесе убедлива победа.

27.06.2014 - 11:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега