Милер: Прашањето за името не смее да го попречи приемот на Македонија во НАТО

Мислам дека е мошне важно да не дозволиме нешто како името да го попречи приемот на Македонија во НАТО, затоа што слободата, независноста, демократијата и самоопределувањето, подготвеноста на Македонија да застане со сојузниците на проблематични места во светот, да испрати војници, да биде подготвена да ја жртвува својата крв и богатство во борбата за демократија и слобода – сите овие нешта се така големи плусови за Македонија, така што се надевам дека може да го решиме другото прашање, но мора да се гледа во поширок контекст.

Oва во интервју за Гласот на Америка на македонски го вели конгресменката Кендис Милер. 

Според неа, се уште нема повратна информација од американскиот државен секретар Џон Кери на писмото во кое, со нејзино залагање, 40 конгресмени укажуваат на украинската ситуација и бараат прием на Македонија и Црна Гора уште на Самитот на НАТО во Велс.

-За жал, немавме многу повратна информација од секретарот Кери за тоа писмо, но знам дека го доби и се надевам дека го разгледува. Знам дека е многу зафатен со се` друго што сега се случува, но мислам дека кога толку многу конгресмени ќе испратат писмо до државниот секретар, тој не го остава настрана. Тоа беше двопартиски напор и мислам дека има влијание, вели Милер во интервјуто.

Американскиот официјален став за прашањето за името со години е дека Вашингтон ќе поддржи обострано прифатливо решение, во рамки на процесот во ОН. Но, според Милер, би имало полза од поактивна улога на американската Влада.

-Како претседавачка на Конгресната група за Македонија, јас сум тука голем глас. Се обидувам гласот да ми биде што погласен. Претседателот (Џорџ В., н.з.) Буш беше решителен во врска со ова и мислам дека претседателот Обама генерално е согласен по прашањето, и државниот секретар Кери, назначен од него, затоа и му напишавме писмо. Мислам дека би било корисно да се биде поактивен по ова прашање, вели Милер.

Конгресменката вели дека во моментов не може да посочи кој би го пополнил демократското место на заедничката функција – претседавач на Конгресната група за Македонија.

-Разговарав со неколкумина за ова, но во моментов немам име што би го објавила. Ова навистина е двопартиско прашање. Имавме добра двопартиска соработка во минатото. Треба да обезбедиме позицијата да се пополни, вели Милер за Гласот на Америка на македонски.

27.06.2014 - 09:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа