Мехази: ФЗОМ ќе продолжи да го подобрува квалитетот на здравствените услуги

Стабилното финансирање на Фондот за здравствено осигурување на Македонија е цел за која работиме во континуитет и е процес кој внимателно го менаџираме. Истовремено, Фондот успеа да го задржи ритамот на давање нови здравствени услуги за осигурениците. Секако дека има потешкотии во систем каде сите се осигурени и имаат исти права во здравственото осигурување без оглед на тоа колку плаќаат придонес за здравствено осигурување. Ние успеавме да ја здржиме ликвидноста на институцијата преку воведување на трезорот на ФЗОМ и домаќинското планирање на средствата.

Oва во интервју за МИА го вели Џемали Мехази, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Според Мехази, досега 1.500.335 корисници добиле електронска здравствена картичка. Барање за издавање на ЕЗК немаат поднесено 55.000 осигуреници, а 226.738 ЕЗК се готови и осигурениците треба да ги подигнат. Оние кои немаат поднесено барање за ЕЗК, вели Мехази, по 1 јули кога ќе им биде потребна здравствена услуга ќе треба да одат во Подрачната служба на ФЗОМ и да поднесат барање за издавање на ЕЗК. Мехази смета дека овој проект успешно се реализира и се надева дека и тие 55.000 осигуреници во најскоро време ќе поднесат барање за да им се издаде електронска здравствена картичка.

За истурените канцеларии кои ФЗОМ ги отвори изминатите месеци во неколку општини во државата, со цел жителите полесно да ги остварат правата од областа на здравственото осигурување, Мехази вели дека има голема заинтересираност кај граѓаните.

-Од истурените шалтери на ФЗОМ не информираа дека има голема заинтересираност на граѓаните и ние правиме напори да овозможиме зголемување на бројот на услуги кои тие ги даваат. Во некои од нив заинтересираноста е многу голема и поради тоа таму го зголемивме бројот на вработените за да може побрзо и поквалитетно да бидат услужени осигурениците. Проектот се покажа како многу успешен и преку него овозможивме нашите услуги да бидат уште поблиску до осигурениците, вели Мехази за МИА.

 

На прашање на МИА за планираните активности на ФЗОМ во насока на подобрување на квалитетот на здравствените услуги на осигурениците и за унапредување на здравствениот систем во Македонија, Мехази одговара:

-Годинава се воведе можноста за Ин витро оплодување на товар на ФЗОМ и за второ дете, потпишавме петгодишни договори со здравствените установи, а до крајот на годинава очекуваме целосно профункционирање на електронската фактура, на електронското издавање на потврда за ортопедско помагало, воведување на електронска евиденција кај матичните лекари, постепено укинување на здравствената легитимација, како и побрза исплата на средствата на здравствените установи директно од трезорот на Фондот која се реализира веднаш на нивната сметка. Претходно исплатата на средствата се одвиваше од централата до подрачните служби на Фондот, па до здравствените установи. Во континуитет работиме на обезбедување навремени и поквалитетни здравствени услуги, одржлив систем на плаќање на здравствени услуги и тековни мерки кон приближување на потребите и можностите на осигурениците. Правиме напори што поголем број лекови да бидат без партиципација или со минимум доплата. Како олеснување за пациентите веќе успешно функционира проектот за лекување на осигурениците во странство за кое тие плаќаат само 200 евра партиципација наместо 20 отсто од вкупниот износ на здравствената услуга, вели директорот на ФЗОМ.

27.06.2014 - 08:58
Фото: 
Нова Македонија
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега