Пожарот во фабриката во Битола ставен под контрола - настрадани нема

Локализиран е пожарот што попладнево избувна во фабриката за кекси и вафли „Виго 48“ или поранешен „Прогрес“ во индустрискиот дел на Битола.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Битола Костадин Поповски изјави дека опасност за околината нема и додаде оти нема опасност од истекување на повеќетонската плинска боца.

Тој информира дека три екипи со три возила вечерва ќе дежураат се додека целосно не се изгаси пожарот. Според него, се работи за ненавремена дојава за пожарот.

Командирот Поповски соопшти дека при гаснењето на пожарот еден пожарникар се затрул со јаглен-моноксид, посочувајќи дека не се работи за посериозна труење.

Огнот почнал да се шири од оџакот, по што пламените јазици со голема брзина го зафатиле целиот објект. Огнот го зафатил таванскиот дел од фабриката, а се раширил и во внатрешните простории. Работниците веднаш биле евакуирани и настрадани нема.

Пожарот го гаснеа пет возила и 15 пожарникари. Причините за пожарот, во кој е нанесена голема материјална штета, допрва ќе се утврдуваат. 

26.06.2014 - 19:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега