Со „Бело лето“ ќе почне летната туристичка сезона во Охрид

Со манифестацијата „Бело лето“, Охрид и годинава ќе го најави почетокот на летната туристичка сезона. Манифестацијата ќе почне на 4 јули, со презентација на занаетите во Охрид, а главен настан ќе биде целовечерниот концерт на музичката група Нокаут, најавен за 21 часот. Претходно охриѓани и гостите ќе ги забавува ди-џеј.

- Како и лани и годинава преку повеќе манифестации ќе го означиме почетокот на туристичката сезона. На присутните гости и на охриѓани ќе им понудиме забава која ќе покаже дека општина Охрид и понатаму останува на ставот преку вакви манифестации да го подобри урбаниот имиџ на градот и да понуди новини во туристичката понуда, истакна денеска на прес-конференција раководителот на Секторот за туризам Ѓоко Апостолов.

„Бело лето“, појасни тој, ќе почне со презентација на занаетите на Охрид, преку типични штандови, кои ќе бидат поставени на малиот плоштад кај Долна порта.

- Ќе се презентира традиционалното занаетчиство на градот, како една од најспецифичните понуди во туристичката понуда. Сите посетители ќе имаат можност да се уверат во изработките на занаетчиите, кои за време на манифестацијата ќе понудат и попуст од 20 отсто  на своите услуги, изјави Апостолов.

Одредени угостителски објекти, според него, ќе нудат попуст од 10 до 30 проценти на своите услуги.

- Сите гости што ќе го посетат Охрид ќе имаат можност да проследат бесплатен музички концерт, а во исто време да користат и добар попуст во угостителските објекти, кои ќе работат цела ноќ, подвлече Апостолов.

Манифетсацијата „Бело лето“ во Охрид првпат беше организирана минатата година.

26.06.2014 - 18:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега