Интензивирање на соработката со Грција во областа животна средина

Во Скопје денеска се одржа билатерална средба помеѓу претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Министерството за животна средина, енергетика и климатски промени на Република Грција.

На средбата, преставниците од двете министерства разменија информации во однос на досегашното спроведување на законодавството од областа на управувањето со водите, со посебен акцент на размена на информации за постигнатиот напредок во заштитата на речниот базен на реката Вардар. 

Исто така, беше разгледана состојбата со Дојранското Езеро и можноста за остварување заедничка соработка и заедничко настапување пред меѓународни донатори за искористување на средства за спроведување на проекти кои ќе придонесат кон подобро управување со овој воден базен. Македонската делегација ја потенцираше потребата за изработка на План за управување со Дојранското Езеро како споменик на природата и како прекуграничен воден ресурс.

Се разговараше и за продлабочување на соработката во заштитата на биодиверзитетот, особено во заштитата на флората и фауната во пограничните области.

Во рамки на состанокот се разгледаа можностите за продлабочување на соработка во областите кои се од заеднички интерес како и за интензивирање на  координирани акции за аплицирање заеднички проекти пред програмите на ЕУ каде институции од Македонија можат во соработка со институции од Грција да бидат корисници на финансиски средства.

Ова особено се однесува на искористување на средствата од програмите на ЕУ како што се IPA, LIFE,ADRIATIC, Balkan-Mediterranean и FP7.

26.06.2014 - 15:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега