ВМРО- НП веќе не постои - Љубчо стана „слободен стрелец“?

ВМРО- Народна партија заминува во политичката историја. Партијата е избришана од регистарот на политички партии во Македонија откако не успеа да собере 1000 потписи. Оваа обврска политичките партии ја имаат на секои 4 години за да се потврди нивниот легитмитет. Откако партијата на Георгиевски не најде 1000 поддржувачи, таа веќе не постои како политички субјект. 
Во меѓувреме, Георгиевски најверојатно ќе делува како „слободен стрелец“ за потребите на опозицијата. Во прилог на тоа говори и последното соопштение од партијата во кое се критикува Македонија поради тоа што Албанија добила кандидатски статус за ЕУ.

„ВМРО-Народна партија ја поздравува одлуката на ЕУ за доделување кандидатски статус на соседна Албанија. Ја користиме оваа прилика да упатиме искрени честитки до албанскиот народ и нивното раководство за храброста со која ги прифаќаат и спроведуваат на дело основните принципи, начела и правила на ЕУ. ВМРО-НП сепак, не може а да не ја потсети македонската јавност дека во времето кога Македонија беше пред портите на ЕУ, Албанците не ни сонуваа за ваков среќен развој на настаните за нив. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со својата стерилна меѓународна политика, сериозниот застој во спроведувањето на реформите и тотално нарушената демократска атмосфера, ја доведе Македонија во ситуација, сите соседи дури и Албанија да нѐ претркаат на патот кон ЕУ и кон НАТО“. - стои во соопштението на избришаната партија. 

За потсетување, Македонија е блокирана на својот евроинтеграциски пат од грчкото вето по спорот кој јужниот сосед го има со нашето име. Ова најверојатно не е пречка за ЉубчоГеоргиевски кој во повеќе наврати јавно кажа дека нема проблем да се смени името на Македонија па дури и лицитираше со предлози кои ставаат географска одредница пред името.

Во врска со згаснувањето на неговата партија, Георгиевски, стандардно, во веќе познатиот стил на СДСМ ја обвини власта.

„Јасно е и зошто! ВМРО-Народна партија сите ја препознавааат како единствен легитимен наследник која во контиунитет ги афирмира и практикува изворните вредности на историското ВМРО. Сакаме да ја потсетиме македонската јавност дека ова е четврти неуспешен обид на владеачката партија да ја укине ВМРО-Народна партија и препорачиваме понатаму да не се обидува да си поигрува со чувствата на членството, симпатизерите и сите граѓани кои во насго препознаваат вистинското ВМРО“. - стои во соопштението на избришаната партија на Георгиевски. 

26.06.2014 - 13:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега