Новиот коронавирус ја зема првата жртва во Франција

Еден од двајцата Французи заразени од новиот коронавирус почина, соопштија француските здравствени власти.

Пациентот беше примен на лекување на 23 април, во болницата во Валансиен, во северна Франција со проблеми со органите за варење по престојот во Дубаи. На 7 мај беше потврдено дека тој се заразил со коронавирус. Потоа беше префрлен во болница во Лил. 

Тој пред преместувањето во Лил заразил друг Французин, со кој бил сместен во иста соба, што ги потврдува стравувањата на здравствените власти дека вирусот може да се пренесува од човек на човек во одредени околности. 

Новиот коронавирус од Светската здравствена организација е наречен Синдром на блискоисточниот респираторен коронавирус (СБРК). Од септември досега од него во светот заболеле 44 лица, претежно во блискоисточните земји. Дваесет и двајца од нив починале. 

Повеќето од случаите беа регистрирани во Саудиска Арабија, а останатите во Катар, Јордан, Тунис, Обединетите Арапски Емирати, Германија, Велика Британија и Франција. 

СЗО се уште не располага со доволно информации за да донесе заклучок за начинот на кој се пренесува вирусот и за изворот на заразата.