Немири во Тунис - едно лице го загуби животот

 Едно лице загина, а неколкумина се ранети рано изутрината во судири во Тунис меѓу силите за безбедност и улични продавачи, јави ДПА. 

Полицијата употреби солзавец за да го воспостави редот во крајбрежниот град Бизерт. Возрасен маж почина како резултат на задушување, а во немирите се ранети неколку демонстранти и полицајци.

Судирите избувнале, откако властите се обиделе принудно да ги отстранат уличните тезги.

Пред револуцијата, со која беше соборен од власт во јануари 2011 година авторитарниот режим на претседател Зин ал Абидин бен Али, неформалната трговија во Тунис беше контролирана од семејството на сопругата на шефот на државата Лејла Трабелси, но таа беше во ограничени размери. 

По падот на Бен Али од власт, уличната трговија во Тунис значително се зголеми, а бројот на уличните тези забележа неконтролиран пораст. 

Иако незаконска таа беше толерирана во голема мера од полицијата, со оглед на сиромаштијата и невработеноста, кои беа клучни фактори за избувнувањето на бунтот против Бен Али.