Поскапуваат јајцата во Македонија
Поден наместо кафезен систем за одгледување несилки предвидуваат измените во Законот за благосостојба на животните. Ова, според Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе ја зголеми цената на јајцата, бидејќи продукцијата при ваквиот начин на производство е помала.
Законските измени треба да се донесат најдоцна до јули годинава, но рокот за воведувањето на оваа новина е пролонгиран и треба да се реализира најдоцна шест месеци до влезот на Македонија во ЕУ.
Како што рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски, со измените на Законот ќе се забрани одгледувањето животни за произведување крзно, како и за нивно користење во циркус. Посебна, независна, стручна комисија ќе одлучува и како ќе се третираат животните, дали и колку ќе може да се користат во научни цели.