Груевски: Во интерес на државата сум подготвен да ги затвориме вештачки отворените теми
Премиерот Никола Груевски за време на неговото гостување во Дневникот на Македонската радио-телевизија потврди дека закажаната средба со лидерот на СДСМ ќе биде одржана во вторник.
На прашањето дали е подготвен да разговара за отстапки во барањата на СДСМ, премиерот Груевски истакна дека кога станува збор за интересот на државата е подготвен да разговара за се`.
- Не би сакал однапред да кажам што е прифатливо, а што не е прифатливо, не би сакал со ова интервју да ги убијам тие разговори кои што следуваат, мислам дека разговорите ќе почнат во вторник и би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да затворат овие проблеми со коишто се соочуваме, коишто дојдоа после некои неразумни одлуки на опозицијата, да не навлегувам во тоа, мислам дека доволно беше кажано во изминатиот период околу мотивите зошто СДСМ и нивниот претседател излезе на таков начин во јавноста, сега повеќе би се задржал на иднината а иднината е да се затворат прашањата коишто и прават штета на државата. А ова неразумно однесување бојкоти и слично сите знаеме дека и прават штета на државата, истакна Груевски.
Груевски посочи дека се надева дека во разговорите со Заев за еден разумен период ќе пронајдат начин како да прекине правењето штета на државата и сите граѓани во неа.
Според него, најверојатно ќе има повеќе од една средба, бидејќи на само една средба не би можеле да се решат сите прашања.
- Не ми изгледа таква атмосферата од другата страна на една средба да ги затвориме сите прашања. Инаку што се однесува до мене мислам дека до средба не ни мораше да дојде, проблемите се вештачки креирани од другата страна, рече премиерот во Дневникот на МРТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа