Македонија лидер во регионот со електронските аукции

 

Македонија е лидер во регионот во спроведувањето на електронските аукции за јавните набавки и заштедите кои ги генерира. Одговорните лица се многу попретпазливи при склучувањата на договорите, а корупцијата е во мал обем. На листата на објавени компании кои поради прекршување на законот имаат забрана за учество во јавни набавки, има 25-26 компании, истакна Маре Богева-Мицовска директорката  на Бирото за јавни набавки Македонија, кое денеска е домаќин на 9. регионален форум за јавни набавки за земјите од Европа и Централна Азија.

- Ако се зборува за ефикасноста на системот за јавни набавки ние сме на добар пат. Со електронскиот систем на јавни набавки и со заштедите што ги генерира преку електронски ауцкии може да се пофалиме дека сме лидери во регионот, изјави Богева-Мицовска.

Бирото за јавни набавки е формирано во 2004 година, и според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески регионот може да биде пример како за релативно кратко време земји без голема традиција во јавните набавки може да воспостават функционален и сеопфатен систем на јавни набавки.

Посочи дека домашните се усогласени со европските директиви, но оти македонските прописи вклучуваат и бројни добри меѓународни практики кои не се уредени со директивите, а кои најчесто извираат од практиките на меѓународните финансиски институции.

Јавните набавки зафаќаат околу 13 отсто од бруто домашниот производ на Република Македонија. Минатата година се склучија над 23.000 договори за јавни набавки, а преку нив се договорени над 56 милијарди денари или околу 900 милиони евра.

Според министерот за финансии, ова покажува колку се важни јавните набавки за правилно функционирање не само на јавниот сектор, туку и на целокупната пазарна економија.

најчитано сега