Има само едно Тико: Тодоров е најсиромашен министер во Владата на Груевски

 

Новиот министер за одбрана, Зоран Јолевски е најбогатиот од сите министри во владата на Груевски и Ахмети. Од кадарот на ДУИ пак, иако нема ништо на свое име, сепак најбогат е Аднан Јашари. Но, неговото богатство е неспоредливо со богатството на Јолевски, анализира Алсат.

Зоран Јолевски во земјава има недвижен имот од 660 илјади евра. Но, има и стан од 359 илјади долари во Америка. Во накит, акции и обрзници има околу 140 илјади евра. Во банките има уште 10 илјади евра и 15 илјади долари. Но, тој има и кредити од 140 илјади евра и 180 илјади долари.

Иако, Миле Јанакиески досега важеше за најбогат, сепак во новиот состав, е на второ место. Во Скопје и Прилеп има недвижен имот од близу 440 илјади евра. Има 20 илјади евра, пари во кеш, но и во банките, како и акции и накит од 6 илјади евра. Не знае колку му вредат 10-те уметнички слики и двата часовника. Лани се подновил со нисан кашкаи од 20 илајди евра, а ја има и  тојотата од 9 илјади евра.

Недвижниот имот на министерот за финансии Зоран Ставрески, во Скопје, Охрид и Америка вредат 230 илјади евра. Во банките има околу 80 илјади долари и уште 30 илјади евра, дел во евра -дел во денари. А од кирија месечно добива 1. 300 евра. Се вози во автомобил од 3 илјади евра, а веќе го нема источногерманскиот автомобил вартбург кој чинеше неколку илјади денари.

Становите на Гордана Јанкуловска вредат 220 илјади евра. Има и оружје за кое не се знае колку чини. Има голф од 15 илјади евра, но и исто толкав кредит. Таа има и уметнички слики од 3 илјади  евра, а од кирија месечно добива 300 евра. Има и уште неколку илјади евра во банките.

Новиот министер за економија Беким Назири, на негово име има стан, деловен простор и земјиште кои чинат 113 илјади евра. Но, има и кредит во истиот износ. Месечно од кирија добива 700 евра. Автомобилот на неговата сопругата чини 12 илјади евра, а на родители 1.500 евра.

Министерот за образование, Абулаќим Адеми на свое име во банка има околу 15 илјади евра. Има два автомобили од 22 илјади евра. Неговите родители имаат земјоделско земјиште и куќа од 50 илајди евра, но градат и нова куќа. Имаат граджена механизација од 8 илјади евра, а се возат во автомобил од 3 илјади евра.

Аднан Јашари, новиот министер за правда на свое име нема ништо. Но, има неговата сопруга. И тоа 55 илјади евра во банка и уште 55 илјади евра деловен простор. Се вози во автомобил од 10 илјади евра. А родителите на Јашари, имаат куќа во Дебрешете од близу 100 илјади евра, и земјоделско земјиште за кое не се знае колку чини.

Елизабета Канчевска Милевска има недвижен имот во Скопје и Охрид од 367 илјади евра, возен парк од 30 илјади евра, но и исто толкава сума во накит. На платежна картичка има илјада евра, а долг на кредитна од 2,5 илјади евра.

Недвижниот имот на Иво Ивановски, 120 илјади евра недвижен имот во земјава и 36 илјади евра куќа во Америка. 16 илјади евра автомобил, 3 илјади евра акции. Околу 40 илјади долари и кредити околку 90 илјади евра.

Најмладиот министер Диме Спасов, на свое има има акции, пари на штедна книшка, но и во готово, уметнички слики и накит вредни 23 илјади евра. Неговите родители имаат стан од 62 илјади евра и земјоделско земјиште од 24 илјади евра, но и акции од 3 илјади евра.

Додека пак, министерот за здравство Никола Тодоров е најсиромашниот министер. Тој има само автомобил Тико од 40 илјади денари. Заштедил 10 илјади евра и на платежната картичка има 2,500 евра.

За новите министри, Нурхан Изаири, Лирим Шабани, Михаил Цветков, нема податок колку тежат бидејќи досега не вршеле јавни фунцкии. На сајтот на Антикорупцискста комисија нема податок и за министерот за надворешни, Никола Попски, иако подолго време е функционер. Алсат-М од оваа анализа ги изостави десетте министри без ресор, а од оние што ги анлзиравме може да се забележи дека министрите од ВМРО-ДПМНЕ пријавиле далеку поголемо богатство од богатството што го пријавиле министрите кои се кадар на ДУИ.

22.06.2014 - 12:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега