Почнува да се конституира Парламентарно собрание на ПСЈИЕ

Стартува процесот за воспоставување Парламентарно собрание на Процесот за соработка во ЈИЕ. Документите консензуално беа усвоени претпладнево на 10. конференција на претседатели на парламентите на ПСЈИЕ што се одржува во Охрид.

За време на романското претседателство ќе бидат дефинирани седиштето на секретаријатот и буџетот на собранието, а исто така се очекува да се одржи и инаугуративната седница.

- По тригодишни активности и одржани десет состаноци работната група во отворена и конструктивна атмосфера со примена на принципот на консензус успеа да усогласи повеќе документи кои се основа за конституирање на новото регионално парламентарно тело, изјави на прес-конференција претседателот на Трајко Вељаноски.

Очекувањата, според него, се дека Парламентарното собрание на ПСЈИЕ ќе придонесе за унапредувањето на соработката и координацијата на настојувањата на парламентите на земјите-учеснички за претворање на регионот во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка на граѓаните, народите и државите, како и на Европа во целина.

Српскиот претседател на Парламентот Небојша Стефановиќ рече дека постигнатото на оваа конференција претставува силен доказ за политичката волја на земјите-членки на ПСЈИЕ.

Воспоставувањето на Собранието и соработката, според претседателот на Претставничкиот дом на Романија Валериу Згонеа, ќе претставува силен поттик за подобар живот на граѓаните.

На конференцијата усвоени се Заедничка изјава на учесниците и Финална декларација. 

ФОТО: МИА

најчитано сега