Јанкулоска: Извештајот на Стејт Департментот - верификација на уште едно постигнување

 

Македонија повторно е рангирана во групата ТИЕР 1 - држави што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговија со луѓе во Извештајот на американскиот Стејт департмент. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која одржа прес-конференција заeдно со амбасадорот на САД Пол Волерс, истакна дека ваквото рангирање претставува верификација на уште едно значајно постигнување на нашата земја и јасна потврда за континуираниот ангажман и посветеност во справувањето на овој облик на организиран криминал.

- Иако во текот на изминатата година е намален бројот на случаи со трговија со луѓе, за нас е особена голема статисфакција фактот што во Извештајот се нотира дека Владата наметнала доволно строги санкции за осудените престапници, идентификувала повеќе жртви на трговијата со луѓе и усвоила буџет за имплементација на националниот план, рече Јанкулоска.

Во 14-от глобален Извештај во кој се опфатени 187 држави во светот, Македонија и овојпат е во друштво со 31 земја кои се категоризирани во првата односно во групата ТИЕР 1 - земји што целосно ги исполнуваат стандардите во борбата против трговијата со луѓе. Во оваа група се и САД, Велика Британија, Австралија, Австрија, Финска, Франција, Германија, Исланд, Ирска, Италија...

- Ние заедно со Словенија сме единствените земји во ТИЕР 1 групата од поширокиот балкански регион, односно единствена држава од земјите кандидати за членство која неколку години по ред е рангирана рамо до рамо со најразвиените западни држави, изјави министерката.

Од нашето опкружување на пример Хрватска, Романија, Грција и Бугарија кои се членки на ЕУ се во втората група на држава кои нецелосно ги исполнуваат минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе.

Во Извештајот на Стејт департментот во делот за Македонија се забележува дека лани биле осудени 6 лица за трговија со деца, а судовите им изрекле казни во висина од 4 до 10 години. Исто така судовите им одределе и финансиска компензација на четири жртви од лицата кои тргувале со нив во висина од околу 10 илјади долари. Во Извештајот се нотирани и двете истраги со француските и швајцарските власти, како и кривичниот прогон на еден полициски службеник за криумчарење мигранти со елементи на трговија со луѓе.

Од посебно значење е, вели Јанкулоска, тоа што се забележани и системските напори кои ги вложува Владата.

- Обуката на педесет полициски службеници во конкретната област и идентификувањето и згрижувањето на поголем број жртви на трговија со луѓе согласно меѓународните стандарди се подвлекува и финансиската помош од по 7 илјади долари за невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика, како и средствата во висина од 112 илјади долари наменети исклучиво за заштита на жртвите и нивната помош, рече министерката за внатрешни работи.

Потсети дека борбата против трговијата со луѓе останува еден од приоритетите на новата Влада и оти во програмата се предвидени низа проекти за воведување нови алатки како воспоставување на централизирана интерна база на податоци, изготвување на нови стандардни оперативни процедури и воведување на тн. црвено копче. Адресирани ќе бидат и забелешките во Извештајот со особен акцент на препораките за енергичен прогон на осомничените, соодветен третман на жртвите на трговија со луѓе, но и проактивниот пристап, превенцијата и помошта на ризичните групи.

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс му честиташе на Министерството за внатрешни работи и воедно на Македонија за постигнувањето и потсети дека земјата веќе четврта година е рангирана во оваа група во Извештајот на Стејт департментот.

- И честитам на Владата на Република Македонија за ова постигнување и постојаните напори и посветеност во борбата против овој вид на криминал и трговијата со луѓе. Ги поттикнуваме понатамошните напори за справување со овој вид на криминал, водење на темелни истраги, кривично гонење и борба против трговијата со луѓе. Мојата земја е навистина задоволна со досегашното партнерство со Република Македонија во оваа глобална кампања за трговијата со луѓе и ние ќе останеме нејзини партнери во оваа насока но и во други сектори, изјави Волерс.

Според најновиот Извештај на Стејт департментот Република Македонија повторно и во 2013, како и во 2012, 2011, 2009 и 2008 година е рангирана во групата ТИЕР 1 - држави коишто целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе.

МИА

20.06.2014 - 16:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега