Македонската дијаспора бара Грција да ги укине дискриминаторските закони
Обединетата македонска дијаспора, по повод светскиот Ден на бегалците, побара од Грција да го укине законот од 1982 година, со кој им се дозволува враќање на бегалците од Граѓанската војна само под услов да се етнички Грци по род, како и на законот за враќање на одземениот имот од 1985 година, кој исто така ги исклучува бегалците кои не се Грци.
Овие закони за кои Грција е соочена со критики во Советот на Европа, се однесуваат на десетиците илјади бегалци, меѓу кои и македонските деца бегалци и етнички Грци, кои биле на победената страна во Граѓанската војна во Грција во 1949 година.
- Обединетата македонска дијаспора ја повикува Грција да го признае нехуманиот однос кон македонските деца бегалци така што ќе го укине Законот за амнестија од 1982 година, кој дозволува репатријација само на “Грцие по род”, како и законот за враќање на конфискуваните имоти од 1985 година, кој исто така се однесува само на “Грците по род”. За време на Грчката граѓанска војна, 44.000 македонски деца на возраст од две до 14 години без ставени на возови и однесени во Скопје, Белград, Будимпешта, Прага, Букурешт, па дури и далечни места како Москва, Варшава и Ташкент. Овие деца, денес луѓе во пододминати години, се растурени низ светот без право да се вратат во нивните домови во Грција, и се уште немаат компензација за нелегално одземениот имот, пишува во соопштението на ОМД по повод светскиот Ден на бегалците.
Организацијата посочува дека грчките закони, донесени во 1982 и 1985 година со цел да се обезбеди национално помирување во Грција, намерно ги исклучуваат етничките Македонци и нивните права, со цел да се зачува тврдењето дека Грција е етнички хомогена држава. ОМД посочува дека Грција со натамошното негирање на основните права на Македонците, не ги признава ниту критиките упатени од американскиот Стејт департмент, Обединетите нации и организациите Амнести Интернешнл и Хјуман Рајтс Воч.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа