Димовски: Новата Влада ќе се фокусира на отворање фабрики и нови работни места

Помина времето на добри говорници и манипулатори. Граѓаните бараат резултати, да се работи и да се создава. Ова денеска го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во своето излагање во македонското Собрание, каде денеска се избира новата Влада.

Пратеникот ДИмовски истакна дека Владата наметна нови стандарди на работа, како што се отворање на фабрики и изградба на нови. 

-Резултатите на Владата се репер за идниот развој на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Приоритетот на граѓаните е приоритет и на избраниците во Собранието. Токму отворањето на нови фабрики и нови работни места се мото на новиот владин состав.Ќе продолжиме со темпото на намалување на невработеноста, а преку порастот на БДП, индустриското производство ќе се мери успехот на оваа Влада, рече денеска Димовски.

За бојкотот на опозицијата на Собранието, Димовски истакна дека не може  ниту да се разбере, ниту да се прифати. Според пратеникот, треба да се дебатира во институциите, а одговорноста ќе треба да се сноси.

Тој посочи дека во следниот период се очекува да продолжат реформите во здравството и образованието, но, и да се помагаат ранливите групи на граѓани. Ќе продолжи, рече Димовски и со субвенциите, инвестициите во земјоделството и инфраструктурата.

-Ќе продолжиме со самоисцрпувачкото темпо на работа, бидејќи само на тој начин се постигнуваат резултати. Намалување на темпото на работа на било кој функционер ќе биде забележано од страна на граѓаните кои токму поради работата и видливите резултати и ја дадоа довербата, рече Димовски.

19.06.2014 - 14:58
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа