Груевски: Новата Влада со уште поголема посветеност

Зголемување на економскиот раст, вработеноста и унапредување на животниот стандард на граѓаните, членството во ЕУ и НАТО, неселективната борба против корупцијата и криминалот, добрите меѓуетнички односи и развој на образованието и информатичката технологија, се петте стратешки приоритети на новата влада која ја предложи мандатарот Никола Груевски.

Тој во денешното експозе пред пратениците во Собранието на Република Македонија на седницата на која треба да биде избрана новата влада посочи дека главна водилка ќе им биде добробитта на граѓаните, развојот на Република Македонија и оти за таа цел ќе работат посветено, чесно, искрено и транспарентно.

- Програмата е главна водилка и се трудиме да го реализираме ветеното, но и да го оствариме она што не сме го ветиле. Не заради некои следни избори, туку заради образот и репутацијата, рече Груевски.

За да се оствари зацртаното, рече, потребно е да се оствари континуитет во реформите, целосна мобилизација и обединетост.

Реализацијата на Програмата, додаде Груевски, треба да донесе перспектива и успех на Македонија, подобар живот на граѓаните.

- Една од дефинициите за успехот која често ја споменувам вели дека успехот е резултат на голем број исправно донесени одлуки. Негов двигател се вредностите, вербата и трудот. Сите ние имаме цел нашата држава и нашите граѓани да се движат што побрзо по поубава иднина и поквалитетен живот, но се разликуваме и по тоа кој како планира, и по кој пат и со кои вредности и принципи да не донесе до таа посакувана иднина и живот, вредности кои се базираат на различни идеологии, но и на довербата на мнозинството граѓани во личностите кои треба да го реализираат ветеното, рече Груевски.

Додаде оти негова водилка е одговорниот пристап кон секој искажан збор и секоја одлука, држењето до дадениот збор, многу работа, чесен пристап кон се и опкружување со најкомпетентните кадри со знаење, искуство и креативност кои во моментов се на располагање.

Осврнувајќи се на делот на економските приоритети, Груевски најави економски раст од 3 и 6 проценти, и тоа во првите две години од 3 до 4, а во наредните две години од 4,5 до 6 проценти, доколку има стабилизација на европската и светската економија.

- Планирани се високи ставки за капитални инвестици, се очекуваат странски инфестиции од 350 до 430 милиони годишно, макроекономска стабилност, стапка на инфлација 2,5 отсто годишно, стабилен девизен курс... рече Груевски во експозето.

Најави мерки за поддршка на домашните компании, инвестиции во градежништвото и инфраструктурата, зголемување на платите, пензиите, постојаната и социјална парична помош за 21,5 проценти за четири години, нови 64 илјади работни места, а со тоа, како што рече, намалување на невработеноста од сегашните 28,4 на 22 проценти, зголемување на износот на минимална плата, мерки за помош и поддршка и вработување на самохрани родители, деца без родители, стечајци, намалување на ДДВ за одредени производи, 600 милиони субвенции за земјоделците, инвестиции во енергетскиот сектор ...

Во Програмата, како што посочи, предвиден е и капиталниот проект за изградба на новиот клинички центар во Скопје, Клиничката болница во Штип, реконструкција на болници, инвестиции во опрема, намалување на цената на лековите.

Според него, се предвидува да продолжат реформите во образованието, ќе се набават 300 илјади таблет компјутери со тастатура, ќе се реконструираат училишта, студентски домови, ќе се опремуваат кабинети и лаборатории, ќе продолжи стипендирањето на студенти кои ќе се запишат на најпрестижните универзитети во светот...

Приоритети во надворешната политика, истакна Груевски во експозето, се членството во НАТО, отпочнување на преговорите и членство во ЕУ, надминување на наметнатиот спор од Грција во врска со уставното име на РЕпублика Македонија. Ќе се работи, рече, на промоција на македонски интереси во странство, на зајакнување на врските во дијаспората и на исполнување на копенхашките критериуми, усвојување на законодавство од ЕУ и негова примена.

- Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а притоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на тој референдум да се согласат со можното решение, истакна тој.

Најави натамошно спроведување на рамковниот договор, истакнувајќи притоа дека ќе се продолжи со напорите за изградба на меѓуетничко општество базирано на меѓусебна почит и толеранција. - Етничките прашања не треба и не смеат да ја одземат силата на општеството, а рамка на овластувањата се Уставот и законите. Потребен е уште поголем фокус и поискрен пристап на политичарите во правец на зацврстување на соживотот, почитта и толеранцијата помеѓу различните етнички и верски заедници, рече Груевски.

Додаде дека Владата која ја предлага е комбинација на младоста, но, како што рече, и на сериозно искуство - професионалци со висок личен интегритет, со исклучителни човечки вредности и принципи кои почиваат на етиката како основа, кои се подготвени да ја вложат целата своја енергија во прогресот на Македонија.

19.06.2014 - 14:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега